Бектеши: Кој ќе изгуби на изборите да се повлече од политиката

307

Партиите што ќе изгубат на претстојните избори да се повлечат од политиката, предложи вчера министерот за економија Крешник Бектеши од редовите на ДУИ. Тој ги повика сите политички партии да се договорат на овој чекор, откако беше прашан дали лидерот на ДУИ, Али Ахмети, би се повлекол од партиската функција доколку ДУИ биде поразена на следните избори.

-Тоа е прашање за господинот Ахмети, но еве, повикувам да направиме договор, ако сакаат и јавно да потпишеме договор меѓу сите политички партии – тој што ќе изгуби веќе да не се занимава со политика. Ние ја фрламе ракавицата, нека повелат сите политички партии, вклучувајќи ги и ВМРО-ДПМНЕ и другите партии. Но, зошто ова не би се случило, затоа што овие т.н. лидери на политички партии – тоа не важи само за македонската опозиција, туку и за другите лидери – сите изгубиле избори не еднаш туку повеќепати, само господинот Ахмети никогаш не изгубил и нема да изгуби избори, рече Бектеши.

Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, пак, рече дека не ја слушнал изјавата и не може да коментира. Откако беше прашан дали ако СДСМ изгуби тој ќе се повлече од политика, Ковачевски рече дека откако е тој во Партијата, СДСМ и губела и победувала на избори.

– Јас сум во СДСМ од 1994 година и од 1994 година досега СДСМ победувал на изборите, СДСМ имал и помалку успешни резултати на изборите и тоа се однесува на сите членови коишто од тоа време се во СДСМ. Тоа е исто како да кажете дека ако на пример фудбалски тим изгуби натпревар тогаш сите тие фудбалери и тренери веќе никогаш да не се занимаваат со фудбал. Навистина не сум ја слушнал изјавата и затоа не можам во детали да ја коментирам, изјави Ковачевски.

Тој додаде дека политичарите се занимаат со политика, тие нудат свои решенија, оценуваат, проценуваат што е во нивни интерес и во одреден момент тие поддржуваат една политичка партија, подоцна поддржуваат друга политичка партија, на локално ниво поддржуваат една политичка партија, а на државно ниво поддржуваат друга политичка партија.