– Наследивме успорен, па дури и закочен проект во одредени сегменти. Наша обврска е да ја забрзаме работата бидејќи, во спротивно, согласно со договорот со „Бехтел и Енка“, плаќаме големи месечни суми за неработење, вели директорот на ЈП за Државни патишта, Коце Трајановски. За годинава на американско-турскиот конзорциум ќе му бидат префрлени 150 милиони евра. – Од овие средства, 130 милиони евра се веќе предвидени во државниот буџет за оваа година, а јавното претпријатие има уште околу 20 милиони евра непотрошени од претходните години што дополнително ќе се префрлат за операторот, се наведува во програмата на ЈПДП за 2025 година, која е доста амбициозна и за нејзина реализација се планирани над половина милијарда евра  

Со домашни средства и странски кредити, Јавното претпријатие за државни патишта во 2025 година планира да реализира амбициозна програма во патната инфраструктура вредна над половина милијарда евра. Акцентот ќе биде ставен на модернизација на двата паневропски коридори 8 и 10, како и на кракот 10-Д, каде што автопатиштата ќе ги гради „Бехтел и Енка“ и за оваа година на американско-турскиот конзорциум ќе му бидат префрлени 150 милиони евра.

– Од овие средства, 130 милиони евра се веќе предвидени во државниот буџет за оваа година за американско-турскиот конзорциум, а јавното претпријатие има уште околу 20 милиони евра непотрошени од претходните години што дополнително ќе се префрлат за операторот – се наведува во програмата.

Започна и третата година откако беше потпишан договорот со „Бехтел и Енка“, но, на терен сè уште се одвиваат подготвителни работи. Од страна на ЈПДП се работи на експропријација на земјиштето каде ќе поминуваат трасите на автопатиштата и за оваа намена за годинава е планирано да се потрошат околу 10 милиони евра. За проектирање и надзор на овие делници се предвидени 12,5 милиони евра.

– Наследивме успорен, па дури и закочен проект во одредени сегменти. Наша обврска е да ја забрзаме работата бидејќи, во спротивно, согласно со договорот со „Бехтел и Енка“, плаќаме големи месечни суми за неработење. Главен проблем е експропријацијата која според договорот од 8.03.2023 година требаше да биде завршена пред да дојдам за директор. За 12 месеци имаше експроприрано 1.117 катастарски парцели, а откако сум дојден за директор за два и пол месеци експроприравме 2.432 парцели. Притоа сакам да се заблагодарам на Министерството за транспорт за огромната поддршка и взаемното решавање на проблемите. Покрај тоа ова е плод на интензивна соработка и со Државното правобранителство, Управата за имотно правни работи, Агенцијата за катастар, министерството за земјоделие, ЈП Македонски шуми. Со решавањето на експропријацијата на „Бехтел и Енка“ им се отвора можност понатаму непречено да работат. Паралелно со ова интензивно работиме на проектирање и расчистување на теренот – рече директорот на ЈП ДП, Коце Трајановски.

За оваа година планирано е да се работи комплетно на целата траса Тетово–Гостивар во должина од 17 километри. Почетокот на работите на оваа делница се планирани за овој месец. На автопатската делница Гостивар–Букојчани планирани се активности на приближно 17 километри и на Прилеп–Битола планирани се активности на околу 25 километри.

Исто така, планирани се пари за дозавршување на автопатот Кичево – Охрид кој би требало да биде целосно во функција до крајот на 2026 година. За оваа година на изведувачот „Синохидро“ ќе му бидат префрлени 75 милиони евра од кредитот од кинеската Ексим банка. Според најавите, на почетокот на летото ќе бидат пуштени првите километри од автопатот Кичево-Охрид.

На коридор 8 се планира да се почне и со автопатската делница Кичево-Букојчани, која е надвор од проектот со „Бехтел и Енка“. За оваа делница со должина од 10,7 километри е распишан повик за извор на изведувач и надзор и годинава за оваа намена се планирани 11 милиони евра. Работите опфаќаат и изградба на клучки, мостови, пропусти, еден тунел, одводни канали, олуци, берми и потпорни ѕидови. Проектот за оваа делница ќе се финансира со средствата обезбедени од заемот од ЕБОР кој за оваа година изнесува 40 милиони евра.

Околу 16,35 милиони евра се предвидени во програмата и за автопатот Скопје – Блаце, но и тука со години нема никаков напредок и новата власт сака да ја промени делницата на градење.

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски на Генералното собрание на Асоцијацијата на Балкански комори што минатата недела се одржа во Скопје рече дека очекува оваа година да биде отворен фронт за работа за 67 километри автопатишта.

– Започнавме амбициозна агенда за инфраструктурен развој со цел да ја искористиме стратешката позиција како крстосница на Балканот за да донесеме економски бенефит за државата и регионот. Само во јануари ставивме во функција 42 километри експресни патишта, а очекувам во периодот што следува да ставиме во функција уште најмалку 10 километри експресни патишта и 40 километри автопат. Во делот на коридор 10Д ставивме во функција еден дел од експресниот пат Прилеп – Градско, во следните два месеци очекуваме и вториот дел да го ставиме во функција. Минатата есен започнавме со изградба на автопат Прилеп – Битола, а оваа година очекувам да најдеме решение и за обиколница за Битола – истакна Николоски.

Тој додаде дека се работи и на проектирање за експресен пат Куманово до Страцин, а во делот на коридор 10 се работи на проектирање на нова патна врска од Гевгелија преку Струмица до границата со Бугарија.

Од акцизи на нафтени деривати во буџетот на ЈП за Државни патишта планирано е да влезат околу 100 милиони евра, од наплата на патарини околу 73 милиони, од надоместокот при регистрација (патна такса) 39 милиони и околу 1,6 милиони евра се други приходи. Или тоа се вкупно над 210 милиони евра. Исто така, од државниот буџет за 2025 година за инвестиции во патната инфраструктура се планирани 130 милиони евра и 142 милиони евра се приливи од странски кредити и грантови. На располагање ќе бидат и 24 милиони евра пренесени средства од државниот каса за 2024 година и од ланскиот буџет на ЈПДП.

(С.Бл.)

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ