Изградбата на автопатиштата од страна на конзорциумот „Бехтел и Енка“ уште од почетокот ја следат контроверзии, а тоа, за весникот ВЕЧЕР, го потврдува и правникот Бојан Трпевски од Здружението на млади правници. Тој вели дека постапката не е во согласност со Законот за животна средина и е почната претходно, пред да се промени политичката партија (гарнитура) што е на власт. Трпевски нагласува дека независно од тоа која Влада го продолжува проектот, треба да се спроведе целата постапка онака како што пропишува Законот за животна средина, а тоа е дека мора да се спроведе оцена за влијанието врз животната средина и дека мора да се заврши таа постапка. Со него поразговаравме на оваа тема.
*Здружениетo на млади правници со години следи како се спроведува законодавството во областа на животната средина, на различни проекти. На што особено имате посветено внимание во последно време, во врска со оваа многу значајна област?
– Ние континуирано следиме како се спроведува законодавството во областа на животната средина и во таа насока, како се спроведува целиот процес на оцена на влијанието врз животната средина, за различни проекти. Еден од нив е стратешката инвестиција за изградба на коридорите 8 и 10-д од страна на изведувачот „Бехтел и Енка“. Она што забележавме е дека на интернет-страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање се објавени решенија за определување на потребата и на обемот на студијата за оцена на влијанието врз животната средина. Меѓутоа, целата постапка не е завршена докрај онака како што пропишува Законот за животна средина. Тоа што го искористивме ние во овој период е правото за жалба што ни го овозможува Законот за животна средина и, заедно со уште една граѓанска организација, поднесовме жалби на овие две решенија до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, која сега е преименувана и кон името е додадено и „инспекциски надзор“. Комисијата сè уште не одлучила за нив. Веројатно, поради тоа и процесот за спроведување на оцената на влијанието врз животната средина, како што пропишува Законот за животна средина, сè уште не е завршен.
*Дали значи тоа дека сè што е почнато во овој момент како активност на терен од страна на „Бехтел и Енка“ е спротивно на она што го утврдува Законот за животна средина?
– Така е. Законот утврдува дека пред воопшто да се започне со спроведување на каква било активност, дали тоа се однесува конкретно за оваа стратешка инвестиција или за која било друга активност за која мора да се спроведе оцена за влијанието врз животната средина, мора да се заврши таа постапка. Односно да има решение од МЖСПП дали ќе се одобри да се спроведува проектот или ќе се одбие барањето. Токму затоа сметаме дека постапката за овие два проекта не е почитувана онака како што пишува во Законот за животна средина.
*Премиерот и ресорните министри, заедно со амбасадорката на САД, беа на увид на работите на коридорот 8, а најавија дека се почнува и на коридорот 10-д. Повторно ќе прашам, дали значи тоа дека сè што е почнато да се гради, е нелегално?
– Она што сметаме е дека е започнат процесот спротивно на Законот за животна средина уште претходно. Не е дека сега е започнато нешто нелегално, туку уште во моментот кога се доставувало известувањето за намера за спроведување на овие два проекта. Во тоа известување не се опфатени сите оние каменоломи и други наоѓалишта каде што се експлоатираат минерални суровини, токму за изградба на автопатиштата. Според нас, постапката не е во согласност со Законот за животна средина и претходно, пред да се промени политичката партија (гарнитура) што е на власт. Но, независно од тоа која Влада го продолжува проектот, ние сметаме дека треба да се спроведе целата постапка онака како што пропишува Законот за животна средина и да се проценат влијанијата врз животната средина од овој и од кој било друг проект пред да се започне за да можеме однапред да знаеме што треба да се преземе за да се минимизираат влијанијата врз животната средина или за да се отстранат.
*За секој капитален проект треба да се изработи студија. Дали е изработена студија за овој капитален проект или, пак, е во фаза на изработка, какви се Вашите сознанија?
– Немаме информација во која фаза е самата студија. Но, со оглед на тоа што имаме поднесено жалба и имајќи предвид што пропишуваат законите во оваа област, ние сметаме дека воопшто не би можело да се продолжи со процесот на изработка на студија или за одржување јавна расправа, како и друг вид учество на јавноста во самиот процес, пред да се одлучи за нашите жалби. Оттука, да ви одговорам, да, студијата сè уште не е изработена, односно не е објавена на интернет-страницата на МЖСПП, не е спроведена јавна расправа за која Законот пропишува дека мора да се спроведе. И на крајот, нема решение со кое ќе одлучи Министерството дали треба да се спроведе тој проект или не.
*Законот за стратешко партнерство со „Бехтел и Енка“ беше изгласан во јули 2021, а речиси две години подоцна беа променети пет други закони. Имавте ли, како Здружение, забелешки за тие закони?
– Можам да издвојам забелешка за Законот за шуми, каде што се предвидува пренамена и сечење на шумите само по барање на инвеститорот, без претходна друга постапка. Сметаме дека тоа би претставувало предизвик во спроведувањето на самите измени на Законот. Затоа што Законот, ако добро паметам, предвидува дека инвеститорот, не само овој за автопатиштата, туку кој било инвеститор на стратешка инвестиција, ќе треба само да му наложи на Јавното претпријатие „Национални шуми“ да спроведе сеча на дрвата, без претходно да се види дали таа сеча има некое влијание врз животната средина. Токму затоа ја потенцирам оваа студија за влијанието врз животната средина, како неопходност пред воопшто да се почне со каква било активност за да се види дали таа сеча на шума, пак ќе кажам, дали за оваа стратешка инвестиција или за која било друга и за кој било друг проект, какво било преземање активности што навлегуваат во областа на животната средина, предизвикува некое негативно влијание, кое е тоа негативно влијание и како да се минимизира или да се отстрани.
*Дали го анализиравте Законот за работни односи, каде што се предлагаше 72-часовна работна недела. Дали, како Здружение на млади правници, го анализиравте тој Закон?
– Апсолутно. Сите промени беа, на некој начин, избрзани и не беше испочитувана постапката за процена на влијанието врз регулативата, што е процес кој е задолжителен за сите министерства пред воопшто да пристапат кон промена на некој закон. И токму во овој процес на процена на влијанието врз регулативата, министерствата требаше да ги анализираат сите влијанија, сите проблеми што би можеле да произлезат, не само, да речеме, како финансиски импликации или влијанија врз животната средина, меѓутоа и сите оние социјални, економски и друг вид влијанија што произлегуваат од предвидените измени. Така што, сите овие закони што се изменија без спроведување на оваа постапка за процена на влијанието врз регулативата, која, повторно укажувам, е задолжителна согласно со методологијата и упатството на Владата донесена многу одамна, е проблематична во секој случај.
*За носењето на овие закони со европско знаменце реагираше и Комисијата на ЕУ во нашата земја.
– Не знам дали ЕК укажува конкретно за овој инфраструктурен проект, меѓутоа во последниот извештај за напредокот на државата, Европската комисија укажува дека нема соодветно проценување на влијанијата врз животната средина токму од инфраструктурните проекти. Не можам да кажам дали коментарот што е наведeн во извештајот е конкретно за овој инфраструктурен проeкт или e генерално, сепак, Европската комисија укажува на некои недоследности од спроведувањето на законодавството за животна средина и како се анализираат влијанијата врз животната средина при спроведувањето на инфраструктурните проекти.
*Каква друга проблематика обработувате во Здружението, освен животната средина?
– Генерално, насочени сме кон заштита и почитување на човековите права. Во таа насока, работата на Здружението е поделена во три програми. Едната е правни истражувања, во тој дел правиме анализи не само во спроведувањето на законите туку и на усогласувањето со стандардите за човекови права и даваме препораки како да се унапредат состојбите. Втората област ни е застапувањето за промени, дали е тоа во однос на практиката или на некои закони и трета област ни е стратешкото застапување и носењето, условно кажано, предмети и случаи пред судовите за да бидат субјекти што ќе донесат поширока општествена промена во случаите каде што сме забележале ние некој системски проблем со остварувањето на човековите права. Главна активност ни е давањето бесплатна правна помош, поради тоа што сме регистрирани во Министерството за правда за обезбедување примарна правна помош и повторно ќе кажам, тоа се тие три столба на кои почива организацијата.
*Споменавте дека доставувате предмети до судовите. Колку се позитивно решени во ваша корист?
– Точна статистика не знам. Но, кога постоеше практика на враќање на Ромите од граница, односно кога беше појавата на лажни азиланти и расното профилирање на границите, тогаш поведовме доста судски спорови пред судовите за дискриминација. Би рекол дека одлучувањето на судовите, условно кажано, беше половина-половина. Она што можам да го кажам е дека неуспехот на судските предмети дома не нè обесхрабрува и секогаш кога е можно тоа и кога се исполнети условите, го имаме предвид Европскиот суд за човекови права. Неодамна, овој Суд имаше донесено пресуда во случај поддржан од нашето Здружение, каде што се утврди повреда на правото на приватност на личниот и на семејниот живот во случаите кога не им се даваше на потполно посвоените деца пристап до информациите за нивните биолошки родители, а во конкретниот случај се работеше за потреба од такви информации поради здравствени причини. Оттука, Судот ѝ наложи на државата да го измени законодавството на начин што ќе овозможи правилно почитување на ова право за оваа категорија лица.
*За првпат кај нас, највисокиот суд деновиве усвои начелно правно мислење со кое ја задолжува државата да обезбеди здрава животна средина. Тоа значи дека врвот на судската власт застана зад правата на граѓаните, да живеат во здрава и чиста животна средина. Што значи конкретно оваа одлука на Врховниот суд?
– Дефинитивно се соочуваме со предизвици во поглед до пристапот до правда, затоа што има повеќе случаи во државата што биле иницирани за Судот да утврди повреда на некое уставно или меѓународно загарантирано човеково право како резултат на влијанијата врз животот, односно намалување на квалитетот на животната средина во државата. Меѓутоа, сите тие предмети досега се завршени неуспешно, односно тужбите се отфрлени. Затоа, впрочем, е и начелниот став на Врховниот суд и тој став, во секој случај, е позитивен исчекор, бидејќи, на некој начин, ја носи дебатата за овие прашања во судовите и во правосудната фела. Начелниот став на Врховниот суд утврдува дека правото на здрава животна средина е индивидуално право и дека државата може да го повреди или со сторување или со непостапување согласно со законските надлежности. Треба да се почека да се види како ќе го применат судовите овој начелен став и она што го укажува Врховниот суд – за ваквите спорови да се применува Законот за управни спорови кога не е предвидена друга постапка и друга надлежност на друг суд.
*Тоа значи дека секој граѓанин на Македонија има право да ја тужи државата поради загаден воздух, нечиста животна средина?
– Во суштина, правото да тужиме ни стои на располагање на сите. Досега Здружението имало иницирано неколку судски постапки, при што тужбите биле отфрлани, поради тоа што судот сметал дека нема надлежност да одлучува по таа тужба како што сме ја поставиле ние. Правото на тужба, секако, постои, но она што е клучно и што, како Здружение, се соочивме со предизвик при подготвувањето на тужбите, е да се обезбедат доволно докази и околности за да може судот да ја утврди таа каузална врска помеѓу, да речеме, активност на некоја конкретна фирма или компанија, или активност или непостапување на државен орган. Значи, да ја утврди таа каузална врска помеѓу сторувањето или несторувањето и повредата на некое конкретно право. Оттука, главниот предизвик не е само поднесувањето тужба туку и целиот процес, и на подготвување и на наоѓање на правниот основ и на поткрепување на сите наоди во тужбата со соодветни и доволно докази.
*Многу правници се изјаснуваат дека е многу тешка постапката на обезбедување докази. Какво е Вашето искуство?
– И ние, исто така, имавме многу предизвик да обезбедиме доволно докази. Има некои извештаи од државните институции што укажуваат на зголемување на порастот на респираторни болести, ако зборуваме за аерозагадувањето, иако, можеби, тие извештаи не ја даваат каузалната врска или точно да утврдат дали се зголемил бројот на респираторни болести токму поради аерозагадувањето. Од друга страна, има ставови на Европскиот суд за човекови права дека во такви случаи треба да се земат предвид ваквите докази. Од аспект на човековите права, не е нужно да има конкретно нарушување на здравјето на луѓето, туку е доволно да има сериозна опасност од нарушување на здравјето на луѓето и на благосостојбата за да се утврди повреда на некое човеково право, во случајов правото на приватност на личниот и на семејниот живот. Самиот процес е предизвик, но треба да се земат предвид и ваквите, би рекол, индиректни докази, но и податоците на Европската агенција за животна средина, кои, пак, укажуваат дека околу 5.600 смртни случаи се атробуција на аерозагадувањето.
Светлана БЛАЖЕВСКА