Бебињата-близанци починале од премрзнатост и глад?!

Ќе се истражува што навистина се случило во домот каде што живеат уште три дечиња

661

Во домот на семејството кој се наоѓа во селото Славеј на десетина километри од Прилеп, живеат уште три деца, најмалото сега е на година и пол, средното има три, а најстарото четири години. Младите родители, кои се невработени, примаат парична помош од државата. Нивни соседи велат дека семејството се доселило од друго село, пред една година, дека било сиромашно, дека едвај крпело крај со крај. Куќата им била наследена од роднина на мајката, која несреќните бебиња ги родила предвреме.

Голема семејна несреќа се случи во прилепското село Славеј, од премрзнатост и неисхранетост починаа бебиња близнаци родени пред само дваесетина дена, на 30 декември. Веста што ја потресе македонската јавност ја потврдија од болницата во Прилеп. Велат дека станува збор за бебиња со многу мала родилна тежина, немале ниту два килограми. Машкото починало дома, а девојчето не успеале да го спасат во болницата во Прилеп. На дваесет и тригодишната мајка ова ѝ било четврта бременост. Според прилепската болница, таа самата потпишала дека сака да си замине со новороденчињата дома, иако им била потребна нега во болница, со оглед на тоа што немале ниту два килограми.

– Првото новороденче, машко, било со родилна тежина од 1.970 грама, а второто, женско, со тежина од 1.780 грама. На 10 јануари, на барање и со потпис од мајката, децата биле пуштени дома. Потоа, на ден четврток, во 10:45 часот, на Одделот за детски болести е донесено женското новороденче во тешка здравствена состојба, како резултат на премрзнување. По приемот на женското новороденче, веднаш е преземена интензивна медицинска интервенција. Извршена е реанимација, новороденчето е интубирано, поставено во топли ќебиња и применети се дополнителни мерки за затоплување. И покрај сите преземени обиди од медицинскиот персонал, состојбата продолжи да се влошува. Во 13:00 часот е констатирана смрт – се вели во соопштението на Општата болница во Прилеп.

Оттука се поставува прашањето дали болницата, имајќи ја предвид состојбата на бебињата, требало уште тогаш, кога решила мајката да си замине дома со нив, да ги извести службите за социјална грижа. Весникот ВЕЧЕР се обиде да стапи во контакт со директорот на прилепската болница, но оттаму ни беше речено дека не е во кабинетот.

Во домот на семејството, кој се наоѓа во селото Славеј на десетина километри од Прилеп, живеат уште три деца, најмалото сега е на година и пол, средното има три, а најстарото четири. Младите родители, кои се невработени, примаат парична помош од државата. Жители на Славеј велат за јавниот сервис дека семејството се доселило од друго село, пред една година, дека било сиромашно, дека едвај крпело крај со крај. Куќата им била наследена од роднина на мајката, која ги родила несреќните бебиња предвреме.

Јавниот обвинител нареди обдукција, а полицијата била известена од болницата дека има починати новороденчиња.

– Семејството во селото Славеј повикало итна помош. Близначињата биле во тешка здравствена состојба. Екипата на итната помош, штом пристигнала, констатирала смрт кај едното бебе, а другото било префрлено во прилепската болница во тешка состојба, каде што починало. Семејството живее во екстремно лоши услови и има уште три деца. Наредив обдукција за да се утврди причината за смртта на новороденчињата – изјави дежурен обвинител од Прилеп.

– На 16.1.2025, во 11:00 часот, во полицијата во Прилеп било пријавено од Општата болница Прилеп дека во домот на З.Р. (39) и на В.Р. (23) во с. Славеј, Прилепско, починало неколку недели старо машко бебе, додека кај нив, во тешка здравствена состојба била донесена неговата сестра близначка, која, исто така, починала околу 13:00 часот. Бил известен јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на настанот – соопштија од МВР.

Социјалните работници го посетиле домот на семејството, констатирале дека не е во социјален ризик, иако живеат во скромни услови, сепак имале затоплена просторија. Единствено забележуваат за лошата хигиена во домот. Од Центарот за социјални грижи велат дека семејството ќе биде под надзор, а за други мерки ќе го почекаат наодот од обдукцијата.

– Направивме увид во домот на семејството, констатиравме дека таму има уште три малолетни деца. Не станува збор за екстремно лоши и нехумани услови, напротив има просторија за живеење, единствено што недостига е хигиена во домот. Во следниот период ќе се спроведе стручна советодавна работа со родителите, ќе се прави надзор на родителската грижа, ќе им бидат давани конкретни задолженија што е треба да ги исполнат – изјавија за медиумите од прилепскиот Центар за социјални грижи. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ