Базенот во ООУ „Невена Георгиева Дуња“ ќе биде завршен кон крајот на мај

47

Базенот во ООУ „Невена Георгиева Дуња“, чија изградба беше во неколкугодишен застој, ќе биде завршен кон крајот на мај.

Ова беше најавено при денешниот увид во градежните активности што го направија гадоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски и министерот за спорт, Борко Ристовски заедно со претставникот на економскиот оператор кој ги изведува работите, Висар Палоши.

-Овој базен ќе биде модерен објект, изграден по сите стандарди и ќе им служи на пред се’, на учениците, спортистите, но и на сите граѓани. Пливањето, како еден од најкомплексните спортови, има огромно значење за здравјето и развојот на младите генерации. Со оваа инвестиција, овозможуваме не само услови за развој на спортски таленти, туку и простор за рекреација и здрав живот за сите жители на општината – изјави Ѓорѓиевски.

Министерот за спорт, Борко Ристовски истакна дека конечно е најдено решение за нешто што било запоставено четири години.

-Најдовме заеднички јазик со операторите и отпочнуваме со работа и порано од она што го планиравме. Сите пет базени кои беа отпочнати од претходната власт и оставени, ќе бидат завршени до крајот на летото – изјави министерот Ристовски.

Претставникот од економскиот оператор, Висар Палоши, градежен инженер во компанијата „Вивинт”, информираше дека базенот е од затворен тип, со должина 25 метри и ширина 9 метри и длабочина 1.2 метри односно 0.8 метри – останатиот дел.

-Овој тип на базени се нарекува полуолимписки базен, наменет е и се користи за едукација, обука и пливање, истиот е со „FINA“ стандарди-нагласи Палоши.

 

ИЗДВОЕНИ