Климатските промени и глобалното затоплување предизвикуваат најголема загриженост кај жителите на Централна Европа, проследени со економски тешкотии и вознемиреност поради војната во Украина, покажа Барометарот на стравот 2024 на компанијата CEPER за 12 земји од регионот.
Прашањата за климатските промени и глобалното затоплување се идентификувани како доминантна грижа во четири земји – Унгарија (3,55), Хрватска (3,18), Србија (3,13), како и Црна Гора (2,75). Во Македонија, економските тешкотии водат на листата на стравови со исклучително висок индекс од 3,86. Сличен тренд е забележлив во Полска (3,56) и Романија (3,46), каде што исто така доминира економската неизвесност.
Геополитичките тензии, особено конфликтот меѓу Русија и Украина, дополнително го зголемија нивото на вознемиреност во регионот.
Стравот од „војна кај соседите“ се зголемува постојано од 2020 година кога 27 отсто од испитаниците ја посочиле војната како една од најголемите грижи. Во 2024 година овој процент достигнува до 50 отсто. Бугарија е единствената земја во која доминира стравот од војна, додека Австријците најмногу стравуваат од миграцијата.
Во Србија најмалку се плашат од миграцијата, се наведува во извештајот, а пренесува Н1.
Генерално, според индексот заснован на 11 идентификувани стравови, Црногорците се плашат најмалку (-0,53), додека испитаниците во Македонија покажале најмногу страв (0,7).
Студијата исто така нагласува дека жените во регионот генерално пријавуваат повисоки нивоа на страв од мажите. Во категоријата „војна во соседна земја“ просечниот индекс кај жените е 3,39, наспроти 2,99 кај мажите.
Барометарот на страв од 2024 година служи како алатка за креаторите на политиката подобро да ги разберат грижите на населението во регионот и поефикасно да одговорат на загриженоста предизвикана од климатските промени, заканата од војна и економските предизвици, се наведува во соопштението.
Истражувањето не беше спроведено во Босна и Херцеговина, туку беше спроведено во: Австрија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Унгарија, Црна Гора, Македонија, Полска, Романија, Србија, Словачка и Словенија. Собирањето податоци траеше од 19 август до 5 септември годинава. Анкетата е спроведена телефонски во секоја земја, со лични интервјуа во Србија, пишува Н1.