Барокната ограда на мостот „Гоце Делчев“ опасна за пешаците и за возачите!

325

Од Град Скопје, кој е надлежен за одржувањето на овој мост, велат дека се запознаени со неговата состојба и дека веќе се подготвуваат активности за санација.

– Во ноември 2024 година, беа изведени активности за санирање на одбојната ограда на мостот „Гоце Делчев“, која беше доведена во првобитната состојба, но во меѓувреме е настанато повторно оштетување од сообраќајни незгоди поради движење со неприспособена брзина, за што се неопходни активности за санкционирање од МВР – одговорија градските власти

 

Состојбата во која се наоѓа конструкцијата на заштитната ограда на мостот „Гоце Делчев“, кој е една од најфреквентните сообраќајници, е навистина загрижувачка. Таа е откачена на неколку места и со тоа се доведува во прашање безбедноста на многуте возачи што секојдневно минуваат со своите возила по мостот, но и на пешаците.

Столбовите на кои се држи оградата на надворешната лента од улицата што води кон „Мавровка“, се откорнати од асфалтот, превиткани се и извадени од предвидениот „калап“ каде што првично биле поставени.

Од Град Скопје, кој е надлежен за одржувањето на овој мост, велат дека се запознаени со неговата состојба и дека веќе се подготвуваат активности за санација.

– Во ноември 2024 година, беа изведени активности за санирање на одбојната ограда на мостот „Гоце Делчев“, која беше доведена во првобитната состојба, но во меѓувреме е настанато повторно оштетување од сообраќајни незгоди поради движење со неприспособена брзина, за што се неопходни активности за санкционирање од МВР – одговорија градските власти.

Тие додаваат дека екипите на ЈП „Улици и патишта“ веќе се во подготовки за санација на одбојната ограда на мостот, за што се чека на согласност од МВР и од безбедносните служби. Таа ќе биде извршена во текот на викенд, поради големиот проток на сообраќај во текот на работната недела.

Инаку, барокната ограда на мостот „Гоце Делчев“ беше поставена во 2011 година. Ја сочинуваат 144 монтажни елементи во должина од 3,6 метри и височина од 1,2 метри, кои се поврзани со столпчиња. На столпчињата на надворешните огради од мостот се монтирани вкупно 26 канделабри за улично осветлување, по 13 од секоја страна, а со проектот се предвидува вградување и на рефлектори за амбиентално осветлување. Идејното решение за оградата на мостот е на авторите Михајло Дранговски и Јован Радевски. Работите на терен ги изведуваше фирмата „Бауер БГ“. За новата ограда што беше поставена во времето кога Коце Трајановски беше градоначалник на Град Скопје, Град Скопје за овој проект издвои околу 370 илјади евра.

Овој мост е познат и по четирите лава, кои се излеани во бронза и кои беа поставени во 2010 година, во рамките на проектот „Скопје 2014“.

Последната санација на конструкцијата на мостот беше извршена во 2019 година. Тогаш се реконструираа дилатациите на мостот, и тоа во двата правци, и тоа траеше 40 дена.

Тогаш од Град Скопје појаснија дека со овој вид реконструкција на дилатациските спојки значително се зголемува безбедноста.

– Изминатите 13 години не беше изведен ваков градежен зафат на мостот – кажаа од Град Скопје.

Мостот бил изграден во 1973 година, од градежната компанија „Пелагонија“, а средствата за неговата изградба ги донирала тогашната француска Влада.

 (А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ