Унијата на медицински сестри и техничари на Македонија и Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“, заеднички, остро реагираат што голем број нивни колеги, 120 лица, останаа на улица откако Општата болница Прилеп еднострано им ги прекина договорите за работа. Тие бараат итно решение на проблемот и вработување на колегите.
– Овие наши колеги, за жал, им се придружуваат на оние чии договори беа прекинати по различни основи и во различни периоди, во повеќе здравствени установи низ Републиката, во последната година. Фрапантни се фактите, кои речиси остават без зборови: станува збор за висококвалитетни и стручно обучени медицински сестри и техничари, кои имаат зад себе и по шест-седум години работно искуство, со статус договор на дело, а сè до денес беа составен дел од општите болници во Прилеп, Битола, Кавадарци и во Куманово. Овие колеги наместо признание и решавање на нивниот статус, остануваат изневерени од здравствените власти, законските недоречености, недомаќинското работење, немањето слух за натрупаните проблеми, како и од лицемерните и популистички флоскули и политички додворувања, особено во време на пандемијата со коронавирусот – се вели во отвореното писмо до јавноста, потпишано од претседателката на Унијата, Гордана Бешлиовска.
Заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски, на прес-конференција, изјави дека сите согласности за продолжување на договорите за медицинските лица ќе пристигнат до здравствените установи до крајот на следната недела, а за крајот на март најави огласи за вработување на неопределено, на медицински кадар.
Прилепската болница од понеделникот не ги ангажира 120. вработени со договор на дело, на кои им било речено дека нема да им бидат продолжени договорите. Станува збор за медицински сестри, болничари, возачи и за друг медицинско-технички персонал, а некои од нив работат во болницата повеќе од седум години.