Дваесетмина работници од работната единица „Паркови и зеленило“ при ЈКП „Тетово“ вчера не излегоа на терен да си ги завршат работните обврски. Тие се револтирани поради тоа што не им се исплатени три плати (за декември, јануари и за февруари), како и придонеси за 14 месеци.

– Дојдовме на работа, но нема да одиме на терен додека не ни ги исплатат сите плати. Градоначалникот уште пред Нова година ни вети дека до јануари или февруари сè ќе ни биде исплатено, но досега немаме добиено плати и неплатени придонеси за 14 месеци. Ние, сите работници што сме тука, имаме над 50 години, сите сме со лекарства, затоа ни требаат редовно плати. Сите имаме и кредити – истакна еден од работниците.

На 11 декември лани, Советот на Општина Тетово донесе одлука за покривање на загубите на ЈКП „Тетово“ во висина до 60 милиони денари за четири плати и придонеси за 2024 година, но не е во целост направено тоа.

Од Општина Тетово информираа дека се прават напори да се исплатат две плати до крајот на неделава.

ИЗДВОЕНИ