Доцнење на платите, неисплатен додаток на плата од 30 отсто и неисплатено зголемување на платите од 12,6 отсто што беше предвидено со Општиот колективен договор, се дел од проблемите со кои се соочија вработените во јавниот сектор. Од Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани – УПОЗ велат за весникот ВЕЧЕР дека во наредниот период ќе поднесат тужба за да се оствари правото за зголемување на платите на вработените во јавниот сектор. Што се однесува до додатокот на плата од 30 отсто што го добија само дел од вработените од јавниот сектор, од УПОЗ велат дека не очекуваат да се донесе до 1 мај решение во врска со ова прашање.
– За додатокот на плата од 30 отсто бевме во преговори и 99 отсто работата беше договорена. Сега ни ставија уште едно барање да се откажеме од Општиот колективен договор за јавниот сектор, за што УПОЗ не е надлежен и не е потписник на тој договор. Имавме ветување дека до 1 мај ќе бидат потпишани колективните договори за министерствата и за органите на државната управа, со кои вработените ќе добијат 30 отсто додаток на платата, исплатен на четири рати. Но 1 мај е в четврток, а ние досега немаме никаква повратна информација од Владата, така што не очекувам да се реши ова прашање – изјави за весникот ВЕЧЕР Трпе Деановски, претседател на УПОЗ.
Тој вели дека за да може и другите вработени во јавниот сектор да го добијат додатокот, треба или да се откажат од Општиот колективен договор или, пак, да се одложи неговата примена. Уште еден проблем е и тоа што вработените во јавниот сектор ја добија платата за март без покачувањето од 12,6 отсто, кое беше предвидено со овој договор.
– Зголемувањето на платите од 12,6 отсто согласно со Општиот колективен договор не се исплати, на вработените во јавниот сектор им беше исплатено само усогласувањето со порастот на минималната плата од 1.800 денари. Вработените треба да знаат дека Општиот колективен договор си останува на сила и оти во наредниот период Синдикатот ќе поднесе тужба за да го оствари и ова право во корист на работниците – вели Деановски.
Од Синдикатот појаснуваат дека поради тоа што до крајот на 2024 година Владата не стави потпис на овој договор, платата во јавниот сектор не се исплаќа со плус 12 проценти, колку што порасна просечната.
Инаку, на голем дел од вработените во државните институции во март им доцнеа платите. Освен во Култура, доцнење на платите имаше и во Министерството за економија, Инспекторатот за труд, Пазарниот инспекторат, некои сектори од Обвинителството и во „Водовод“.
Поради малите плати и проблемите со доцнење на платите, од Сојузот на синдикатите на Македонија ги повикаа сите вработени да се соберат на 1 Мај за да го изразат своето незадоволство и за да ги побараат своите права на улица.
(А. С.)