Средствата од унгарскиот кредит се обезбедени, процесот е во финална фаза и веќе во јануари ќе можеме тоа да го постигнеме. Иако дел од банките и сега ги промовираат, очекувам веќе по Новогодишните празници банките да почнат активно да пренесуваат дел од средствата до компаниите што ќе ги користат, најави премиерот Христијан Мицкоски, по ставање камен-темелник за изградба на трговски центар во општина Гевгелија и рече дека средствата од Унгарскиот креди ќе може да се користат и за ваков тип на инвестиции, но до границата од 10 милиони евра.
– Како Влада, наша цел е сето тоа да се консолидира и предвреме да биде отплатено, така што да немаме големи трансфери на средства за повисоки камати. Мислам дека веќе во 2026 година, според планот, кој што го разработивме со раководството на АД ЕСМ, веќе ќе можеме да зборуваме за компанија која од 200 милиони евра во минус, ќе дојде на позитивна нула – изјави Мицкоски.
Мицкоски, уште еднаш посочи, дека целта е годинава да биде забележана бројка на инвестиции од една милијарда евра, со што, како што нагласи, ќе бидеме во првите три по глава на жител кога станува збор за странски инвестиции.