Глобалните банки ќе укинат 200.000 работни места во следните од три до пет години, бидејќи вештачката интелигенција (ВИ) ги презема задачите моментално извршувани од луѓето.
Анкетираните банки велат дека ќе го намалат бројот на своите вработени во просек за три отсто, покажа денеска објавеното истражување на „Блумберг интелигенс“.
– Сите работни места што вклучуваат рутински, повторливи задачи се изложени на ризик – вели високиот аналитичар на „Блумберг интелигенс“, Томас Нецел.
Според него, вештачката интелигенција нема целосно да ги елиминира гореспоменатите работни места, туку ќе доведе до трансформација на работната сила.
Банките, кои со години ги модернизираа своите ИТ-системи за да ги забрзаат процесите и за да ги намалат трошоците поради финансиската криза, влегоа во нова ера на алатки за вештачка интелигенција, што може дополнително да ја подобри продуктивноста.
Осуммина од десетмина испитаници од банкарскиот сектор очекуваат генеративната вештачка интелигенција да ги зголеми продуктивноста и генерирањето приходи за најмалку пет проценти во следните од три до пет години.
Америка сити банк, во извештајот од јуни, објави дека вештачката интелигенција, веројатно, ќе замени повеќе работни места во банкарската индустрија отколку во кој било друг сектор, додавајќи дека околу 54 отсто од сите банкарски работни места би можеле да бидат автоматизирани, пишува „Блумберг“.