Според министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, банките го преземаат ризикот за одобрување на средствата, бидејќи ќе одлучуваат кој и какви проекти ќе кредитираат. Таа истакна дека нема трошоци за одобрување на кредитите, а постапката ќе биде максимално транспарентна и условите ќе бидат еднакви за сите компании. Премиерот Христијан Мицкоски ја отфрла секоја можност за некаква злоупотреба и протежирање на компании блиски до власта. Едни економските аналитичари сметаат дека овие релативно евтини кредити мораат да донесат развој на домашното стопанство и зголемување на извозот, додека пак, други велат дека нашите компании мора да научат да работат на пазарни принципи, а не постојано да чекаат и инсистираат на помош од државата
Владата ги одобри договорите за користење на парите од унгарскиот заем, наменет за компаниите, со што Развојната банка сега може да ги потпише договорите со банките и средствата да станат оперативни. Според министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, банките го преземаат ризикот за одобрување на средствата, бидејќи ќе одлучуваат кој и какви проекти ќе кредитираат. Таа истакна дека нема трошоци за компаниите за одобрување на кредитите.
–Трошоците за одобрување се нула денари. Постапката ќе биде максимално транспарентна и условите ќе бидат еднакви за сите компании. Влегуваме во последната фаза од операционализацијата на средствата од унгарскиот заем наменети за компаниите – рече Димитриеска-Кочоска.
Приоритет за добивање кредит ќе имаат производните компании, но можност да аплицираат ќе имаат сите компании.
– Секако акцент имаат производните компании, но ако ги погледнете анализите на Народната банка, ќе видите дека генерално пласманите што ги прават банките годишно не се нешто многу поголеми од овој износ и затоа ние на крајот се одлучивме да се отвориме кон сите компании во насока на тоа секој да има пристап. Секако производствените капацитети ќе имаат приоритет и по информациите што ги имам со едни од најголемите банки во државата, тие веќе имаат постоечки и одобрени пласмани за кои само чекаат потпишување на соодветната документација – рече министерката.
Парите ќе се земаат од комерцијалните банки со рок на отплата до 15 години од потпишувањето на договорот и грејс-период од три години. Каматната стапка е 1,95 проценти, без дополнителни надоместоци. Максималниот износ за кој може да се аплицира е до 10 милиони евра, а во целиот проект вклучени се сите 13 банки.
Премиерот Христијан Мицкоски ја отфрла секоја можност за некаква злоупотреба и протежирање на компании блиски до власта.
– Во минатото на владини седници добиваа концесии нивни блиски роднини, премиери потпишуваа концесии за добивање енергетски согласности за објекти кои произведуваа електрична енергија од обновливи извори… Претпоставувам зборувате за онаа кампања на сега опозициската СДСМ за хидро, Мицко која заврши со судска пресуда во која СДСМ беше обвинета за клевета и пласирање во јавност невистинити информации за што е треба да се извини. Верувајте во оваа Влада додека јас ја водам тргување на влијание нема да има и бидете спокојни – рече Мицкоски.
Според него, ова е историски досега најголема сума којашто директно се става на располагање на стопанството и преставува прва одлука со ваков износ кој до сега државата го обезбедува за стопанството, домашните компании и фирми и истите тие можат да ги користат овие пари според денешните пазарни услови и супер ниска каматна стапка.
– Очекувам значајно влијание за стопанството од овие средства и пари кои доаѓаат во време на криза, предизвици и отежнати глобални услови за домашните компании – нагласи Мицкоски.
Економските аналитичари сметаат дека овие релативно евтини кредити мораат да донесат развој на домашното стопанство и зголемување на извозот. Синиша Пекевски вели дека нашите компании мора да научат да работат на пазарни принципи, а не постојано да чекаат и инсистираат на помош од државата.
За економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, за весникот ВЕЧЕР, изјави дека каматната стапка од 1,95% е релативно ниска, ама многу е проблематично што граѓаните, преку државниот буџет, ќе покриваат дел од неа.
– Буџетот во Македонија го полнат пред сè сиромашните, и сега практично ќе имаме ситуација кога тие ќе им даваат 8 милиони евра секоја година на фирмите, за фирмите да земаат поволни кредити. Ова не е баш во ред, особено што постои ризик голем дел од парите да завршат кај фирми блиски до власта. Според мене е спорно што кредитите изгледа ќе можат да се користат за многу широки намени, а треба да бидат наменети за вложувања во нова технологија, машини, опрема, производни процеси и слично, а не за непродуктивни вложувања. Но, и самиот износ на кредитот не е толку голем, тој е отприлика еднаков на износот на новоодобрени корпоративни кредити кои ги даваат банките во Македонија секој месец. Не треба да се заборави ни дека и досега постоеја слични вакви кредитни линии – Развојната банка во моментов има две слични линии, во вкупен износ од 150 милиони евра, со каматна стапка под 3,5%. Па и покрај тоа, гледаме дека економијата не цвета баш – истакна Јовановиќ.
(С.Бл.)