Македонскиот гудачки квартет на Пламенка Трајковска, ќе го претстават својот најнов музички проект „Балканско патување“ во Софија, Бугарија. Концертот ќе се случи на 27 март, со почеток во 18.30 часот, во галеријата на Културно-информативниот центар на РСМ во Софија, Република Бугарија. Членовите на гудачкиот квартет Пламенка Трајковска и Милена Гиевска-Андоновска – виолина, Љубица Бошкоска – виола и Александра Јаневска на виолончелоќе го претстават овој музичко-истражувачки проект, во кој се откриваат заедничките музички корени на балканските простори, богатата балканска музичка ризница и одделните мелодиски и ритмички елементи, кои се блиски на регионот, а за кои одделните народи сметаат дека се нивни автентични. Овие заеднички елементи се користени како основа за создавање нови композиции со гудачки квартет. Аранжманите се на Пламенка Трајковска

„Во новите композиции струјат неколку доминанти елементи и тоа: влијанијата на класичната музика и сосема класичниот инструментариум на гудачкиот квартет – виолина, виола и виолончело, заедничките мелодиски и ритмички линии од сите региони на Балканот, како и аранжмански пристап кој има за цел да ги отслика музичките прелевања од регион во регион. Сите овие елементи се вткаени во нови музички слики со гудачки квартет и балканска музика, кои имаат само еден наслов: Балканска композиција“, вели Пламенка Трајковска.

Концертот „Балканско патување“ е покана и предизвик за слушателот преку интерпретација на балканските музички слики со гудачки квартет да се нурне во музичката ризница наречена Балканска музика за и преку неа да ја доживее историјата, културата и емоцијата на балканските народи.

Концертот е со поддршка на Министерството за култура на Р.С. Македонија.

ИЗДВОЕНИ