Претседателот на Здружението на транспортери за внатрешен и меѓународен транспорт на Република Српска, Никола Грбиќ, најави дека ќе се обиде да ги собере претставниците од сите земји опфатени со дискриминаторската регулатива за ограничување на престојот на професионалните возачи во земјите на Европската Унија. Во изјава за агенцијата „Срна“, тој рече дека се можни блокади на границите на ЕУ.
Оваа регулатива е голем проблем за професионалните возачи од Босна и Херцеговина, Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора, Турција, која е најмногу погодена од одлуката и Молдавија.
-Ќе се обидеме да ги собереме сите земји опфатени со оваа дискриминаторска регулатива за да видиме што ќе се случи понатаму. Можно е да ги блокираме и границите на ЕУ, рече Грбиќ.
Тој додава дека не очекува Комисијата за транспорт на ЕУ да ја промени својата одлука и да дозволи професионалните возачи од Западен Балкан да бидат изземени од регулативата за ограничување на престој во земјите на ЕУ. Барања за промена на таа регулатива до надлежните тела во ЕУ веќе испратија сите засегнати земји. Сите бараат да се изземе од оваа одлука кабинскиот екипаж, односно возачите, за кои се бара да имаат ист третман како пилотите, возачите на мотори или капетаните на бродови.
Комисијата за транспорт на ЕУ за денеска закажа состанок на кој на дневен ред треба да биде и тоа прашање. Но, надежи дека нешто ќе се смени речиси и да нема, зашто Унијата веќе еднаш го одби барањето за изземање на професионалните возачи од ограничениот престој во Шенген зоната и им предложи да аплицираат за продолжување на престојот во Шенген зоната. Тоа, пак, значи дека ќе треба да добијат работна виза која подразбира вработување и обезбеден престој во Шенген зоната.
-Чекаме да помине 15 јануари, но веруваме дека ништо нема да излезе од тоа и дека тоа е како што велат, приказна за мали деца. Да сакаа да ја поништат одлуката, тоа одамна ќе го направеа. Тоа е на сила 15 години, а сега наеднаш почнаа да го применуваат, рече Грбиќ.
Тој додаде дека како решение на проблемот се најавуваат две опции – луѓето да бидат отпуштени или да земаат плата дури и кога не работат.
-Првата опција значи дека возачите ќе одат на работа во странство, а втората значи дека транспортните услуги ќе поскапат и до 30 проценти. А кој може да го издржи тоа?, прашува Грбиќ.
Тој потсети дека од 2019 година, околу 7.500 професионални возачи ја напуштиле БиХ, и дека сега на секоја компанија во државата и недостасуваат од пет до 50 возачи. Таква е ситуацијата и во другите земји од регионот.
Според одлуката на ЕУ која се бара да се смени, професионалните возачи државјани на земји кои не се членки на Европската Унија имаат право да престојуваат во Шенген зоната без виза 90 дена во период од 180 дена. Како што појаснуваат од Брисел, според законодавството на ЕУ, овој безвизен период не може да се продолжи, така што секој престој подолг од 90 дена мора да биде покриен или со долгорочна виза или со дозвола за престој издадена од земја членка.