Балканските држави се опасни за живот – коментар на босанскиот новинар Александар Трифуновиќ, објавен во „Бука“ ден по трагедијата во Кочани

44

Државите на Балканот се опасни за живеење. Сè можеш да завршиш – секоја контрола, секоја дозвола, секој сертификат. Ако не можеш сам, може некој за тебе. Ако не може за цваја (20 н.з.), може за 100, 200, 1.000 марки или евра. Толку отприлика вреди и нашиот живот – во автобус кој можеби нема да стигне на одредиштето, во сообраќајот каде некој купил возачка наместо да положи, во куќа под каменолом без дозвола, во клуб без пожарен излез, на мост чија стабилност никој не се сетил да ја провери со години, под натстрешница што може да падне во секој момент.

Навидум обични ситуации додека не станат трагедии.

Синоќа во Кочани 59 млади луѓе тргнаа на ноќна забава, а завршија во пламен. Македонија, држава на највеселите луѓе на Балканот, повторно е завиена во црно. Поминав неколку месеци од својот живот во оваа земја и искрено сочувствувам со нивната болка.

Уште една балканска држава – шампион во корупција, како и сите во соседството. Сега апсат, приведуваат, бараат виновници – предоцна. До ова не смееше да дојде. Бројот на одговорни е многу поголем од оние кои само удриле печат на дозволата или затвориле очи на фактот дека не постои соодветна противпожарна заштита.

Корупцијата е отсуство на каков било ред. Правилата му се препуштени на случајот и на илузијата дека несреќата нема да ни се случи баш нам, на некој наш. Навикнавме да нема систем, да не се почитуваат правилата – па ако поминеме без последици, добро е. Само што не е.

Зашто, кој по ред е овој клуб што гори со деца внатре? Којзнае кој. И никој не може да тврди дека е последен. Во викендите клубовите и местата за излегување се преполни, луѓето се туркаат, не можеш да се движиш, едвај се влегува, а камоли да се излезе во случај на несреќа. Не постојат планови за евакуација, пожарни излези, ниту некој го почитува максималниот број на луѓе во објектите.

И така со децении. Сè додека не дојде ред на некој од нас.

А дотогаш, повеќето нема да преземат нешто за да се смени состојбата. И тоа е можеби најтрагично од сè.

ИЗДВОЕНИ