Во Галеријата на Младинскиот културен центар, на 5 февруари со почеток во 20:00 часот, ќе биде отворена изложбата „Балканска геометрија“ од Милош Милосављевиќ.
– Циклусот слики со наслов „Балканска геометрија” е примарен предмет во уметничките истражувања присутни во моето творештво, во последните петнаесет години. Во него, преку автентичен ликовен јазик, во една ликовна целина прикажувам синтеза на различни култури, која се јавува како последица на егзистирањето на различни цивилизации на Балканскиот Полуостров. Честите судири на политичките интереси (кои и денес се присутни на овие простори), кои неретко резултирале со разорувачки војни, оставиле голем белег, не само на карактеристичната шаренолика архитектура на балканските градови туку и на културата и на менталитетот на балканските народи. Прецизните и сведени линии, во комбинација со слоевито обоените форми (на кои обично доминира умерен колорит), формираат строго ограничени геометриски површини, кои го наметнуваат ѕидот како централен објект. Ѕидот, како таков, претставува метафора за дезинтеграциските процеси, поделбите, прекројувањето граници… и други нешта, често присутни на просторот на Балканот – посочува авторот Милосављевиќ.
Изложбата ќе трае до 15 февруари.
Радмила Лазаревиќ, виш кустос во Галеријата на Народниот музеј во Ниш, пак, истекнува:
– Анализирајќи ги општествените, геополитичките и историските превирања на овие простори, Милосављевиќ ги визуализира феноменологијата на културно-историското наследство и степенот на различност, поставувајќи ги во центарот на настаните ѕидовите како метафори на апсурдните поделби и сеопшти дезинтеграции. Со автентичен ликовен јазик, во кој во тактовите на ритмичката игра се менуваат доминацијата на колоритот и геометризираните линии, авторот ја следи силата на внатрешната скриена енергија, сугерирајќи истовремено на богатството и на големината, но и на несигурноста во рамките на општествените, политичките и на културолошките карактеристики на Балканскиот Регион.