Балканот го зафати „Тему“ лудило, нарачките не стивнуваат ни со данок од 21 процент

256

По развиениот свет, „Тему“ лудилото последниве месеци го зафати и Балканот. Кинескиот онлајн трговец, кој се рекламира под слоганот „Купувај како милијардер“, со ниските цени, широкиот асортиман производи и брзата достава и тоа на повеќе производи во еден пакет, малку по малку ги празни домашните буџети и на Балканците кои важат за најсиромашни на континентот.

И додека сопственикот на „Тему“ за кратко време стана најбогат во Кина, балканските претприемачи се жалат дека оваа платформа им ги убива бизнисите. Меѓу залудените со оваа онлајн платформа се и црногорските граѓани, што според Санела Ѓоковиќ, претприемачка која рачно изработува накит, е причина бизнисот на компаниите во Црна Гора полека да слабее, а занаетчиството да се обезвреднува.

-Продажбата е значително намалена, ниту половина од лани, рачните изработки не се вреднуваат. Мислам дека некои апликации предизвикаа кај нас како мали производители и занаетчии да изгубиме желба и волја за работа. Така, многу наши колеги почнаа да се откажуваат од таа работа, изјави таа за „Еуроњуз“

Бројот на нарачки од „Тему“ не се намали и покрај тоа што од 1 јануари оваа година во Црна Гора сите пратки, без оглед на вредноста, се оданочуваат со  целосната стапка на ДДВ, која изнесува 21 процент. Претходно така се оданочуваа само пратките со вредност над 75 евра.

-Во периодот од 1 до 9 јануари, или само за три работни дена годинава, пристигнаа речиси 24.000 пратки, што е многукратно повеќе од претходните години, изјави портпаролката на Царинската управа на Црна Гора, Ивана Вујисиќ.

Мерките на Владата очигледно го билдаат само државниот буџет, а освен тоа, апликацијата „Тему“ почна соработка со Пошта на Црна Гора, па се предвидува 2025 година да биде рекордна според сите параметри на онлајн купувањето.

Со „Тему“ се заразени и српските граѓани. Можноста да се користи оваа апликација бројот на пратки преку поштите во Србија го зголеми за 60 проценти. Ова се случува и покрај тоа што  Националната организација на потрошувачи во повеќе наврати предупреди дека иако се чини дека сајтот е сериозен кога станува збор за безбедноста на плаќањето, производите  се со сомнителен квалитет, бидејќи не мора да имаат сертификати за увоз. Со други зборови, и покрај ниските цени, производи може да се далеку од очекувањата на купувачите, не само во однос на квалитетот, туку и во однос на безбедноста.

И покрај бројните вакви предупредувања ширум светот „Тему“ се лансираше како глобален онлајн трговец број еден за многу кратко време. Постои од септември 2022 година, кога прво ги освои САД, потоа  Канада, па Австралија и Нов Зеланд, а на европскиот пазар излезе во април 2023 година. Според компанијата за истражување на пазарот „Сенсор Тауер“, мобилната апликација „Тему“ е преземена повеќе од 600 милиони пати. „Тему“ е во сопственост на кинеската компанија ПДД Холдингс, која тврди дека работи од Бостон, САД, но, седиштето всушност и е во Шангај, Кина, а поседува и неколку страници за е-трговија, вклучувајќи го и кинескиот пандан на „Тему“ – „Пиндуодуо“.

ИЗДВОЕНИ