Дали треба да се укине балансерот како решение за вработување службеници во администрацијата според етничката припадност или да се најде можност да се спречи неговата злоупотреба? Прашањето пред изборите го актуализира ВМРО- ДПМНЕ, која во својата изборна програма укинувањето на балансерот го стави како една од точките во планот за уредување на политичкиот систем во Македонија, откако претходно и Европската комисија во скрининг, во ноември, укажа дека балансерот веќе не ја исполнува својата цел и треба да се укине.
–Цениме дека е неправичен, фаворизиран, дискриминиран, рече лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, претставувајќи ја програмата „Платформа #1198“, минатата недела.
И потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, деновиве го повтори ставот на партијата дека времето на балансирање на кадрите по етнички клуч, за некој прво да биде Македонец, Албанец или Турчин, па потоа професионалец мора да заврши и дополни дека очекува оваа заложба да биде прифатена од сите албански партии.
– Можете да видите дека лице кое е Македонец се пријавува како Албанец, или лице кое е очигледно Албанец се пријавува како Македонец, или како Турчин, со цел да се изигра целиот систем. Ние сметаме дека вработувањето во јавната администрација треба да биде според квалитет и тоа е начинот на кој сакаме да се спроведуваат вработувањата со нашата влада и затоа сме убедени дека нашиот потенцијален партнер во владата ќе ги дели нашите ставови, изјави Николоски.
Засега албанските политички партии не излегоа со одговор дали ја прифаќаат или ја отфрлаат идејата на ВМРО-ДПМНЕ за тоа да се стави крај на вработувањето по етнички клуч во администрацијата. Изет Меџити, претседателот на Демократското движење, кое е дел од албанската опозициската коалиција Вреди, за која Мицкоски се изјасни дека е посакуван партнер за коалицирање по избори, деновиве изјави дека не е запознаен со предлогот на партијата. Меџити меѓутоа спомна дека и тие имаат забелешки за примената на балансерот кој претходно дал резултати, и дека се отворени за тоа да се обнови балансерот или да се најде посоодветен механизам кој ќе придонесува за мултиетничкиот карактер на државата.
-Не видов што е идејата на ВМРО–ДПМНЕ. И ние имаме забелешки дека се злоупотребува и дека има случаи кога Македонци се изјаснуваат како Албанци или Роми на конкурси само за да се вработат и обратно. Има дефекти. Ако мислиме да најдеме друг механизам кој ќе придонесе за мултиетничка држава и администрација и вредности, ние сме отворени да најдеме таков механизам кој ќе овозможи пристап на сите заедници во администрацијата, не губејќи го квалитетот на тие луѓе што ќе работат таму, изјави Меџити во интервју на Канал 5.
За разлика од Меџити, Весна Бендевска од ЗНАМ, изјави дека балансерот како афирмативна мерка за спречување на дискриминација ја одиграл својата улога. -Балансерот сега е извор на проблеми. Единствен излез е мерит-системот, рече Бендевска во телевизиското гостување.
Претседателот на Институтот за демократија, Марко Трошановски, за весникот ВЕЧЕР вели дека алатката со која се одредува од која етничка припадност треба да бидат кандидатите што се вработуваат во јавниот сектор не служи повеќе за правична застапеност и дека е инструмент за политичка игра и купување лојалност. Проблем, според него, е што албанските политички партии не сакаат да се откажат од алатки кои апелираат на етнички емоции кои, пак како што оценува, имаат многу малку врска со новата реалноста, постигнатата правична застапеност и испораката на квалитетни услуги за граѓаните.
-Во општеството кај македонскиот дел, но и Албанците постои големо незадоволство од тоа во што овој механизам се претвори, иако во албанскиот кампус неговото укинување се прикажува како некакво уназадување на состојбите преку манипулација со етничките емоции. Најважно, ако сме за Европа, не треба да пребираме што ни е партиски интерес туку принципиелно да целиме низ дела и без исклучоци. Скрининг извештајот на ЕУ се констатира дека треба да биде напуштен и треба да биде ако сме искрено за Европа, сè друго е демагогија. Проблемот настанува што албанските партии во голем дел своите политички агенди и кариери на политичари ги градат креирајќи еден наратив на виктимизација на албанските сограѓани низ годините наназад, што во голем дел имаше основа поради нивоата на дискриминација што го искуси оваа заедница. Но откако овие цели беа постигнати, погрешно се мисли дека напуштањето на инструментите за правична застапеност ќе нè вратат назад. Од оваа точка натаму ние треба да ги напуштиме за да имаме квалитети јавни услуги, а не да фаворизираме на пример лекари или контролори на летање само зошто се Албанци или што и да е, вели Трошановски.
Смета дека треба да престанеме преку етнички теми сами себеси да се уништуваме само за краткорочни политички поени. Вели дека, пред сè, ова треба да го разберат граѓаните Албанци зашто, како што укажува, ниту еден интелектуалец или јавна личност од албанската заедница не е подготвен поради стигматизација од заедницата или наследените табуа да застане против ова веќе застарено решение, а сите сме декларативно за ЕУ.
-Од неколку јавни собири од албанската заедница слушнав дека балансерот и правичната застапеност е столб на Охридскиот рамковен договор, но правичната застапеност е привремена мерка која треба да постигне ниво на еднаквост во општеството по што таа се напушта.Тоа не е вечен механизам кој цело време ќе го држи општеството заложник на меѓупартиски уцени и вработувања, кои патем, како што знаеме и преку злоупотреба на националната самоопределба кај граѓаните многу често се извртува, па Македонци се пријавуваат како Албанци и обратно само да се пополни квота. Така што на ум треба да имаме три работи, а тоа е дека Балансерот не служи веќе за правична застапеност, туку е инструмент за политички пазар, дека препораката од ЕУ е да биде отфрлен, бидејќи го назадува нашиот систем и квалитет на услуги. И дека треба да престанеме веќе преку етнички теми сами на себе да си копаме гроб само за краткорочни политички поени, изјави Трошановски.
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, деновиве немаше одреден коментар за идејата од ВМРО-ДПМНЕ, но оцени дека балансерот е утврден со Охридскиот рамковен договор.
Дел од албанските аналитичарите пак коментираа дека нереално е да се очекува дека која било од албанските партии би се согласила да се тргне балансерот, особено што според укажувањата на некои од нив, за тоа е потребно двотретинско мнозинство во Собранието.
Трошановски меѓутоа очекува дека е можно да се најде заеднички јазик со албанските партии за идејата за напуштање на балансерот иако притоа напомнува дека очекува составувањето на идната влада да не оди лесно.
-Засега има резервираност во изјавите кај сите партии во албанскиот блок и ниедна категорично тоа не го отфрла, што кажува дека во идните владини комбинаторики кои ќе бидат прилично комплицирани во вториот круг со оглед на бројките, можно е да се направи некаков консензус за негово отфрлање бидејќи навистина нема поента веќе и е рецидив од едно време што помина одамна, изјави Трошановски
Инаку, во изминатиов период, и Европската комисија укажа дека балансерот веќе не ја исполнува својата цел и треба да се укине. Антикорупциска комисија пак неодамна најави и дека ќе поднесат и иницијатива до Уставниот суд да ги преиспита законите во кои е содржана алатката балансер.
M.C.