Поп-пејачот Јоце Панов кој мора да признаеме има огромен број верни фанови, а најмногу обожавателки, завчера во прекрасниот празничен амбиент на “Македонската опера“ (исполнета до последно место) им се оддолжи на сите дами, по повод 8. март. Тоа што вети, Јоце го исполни. Одличен солистички концерт, целосно пеење во живо со оркестарот, а сцената богато украсена со рози. Самиот пејач феноменално, вкусно и ултра-модерно облечен.
Се беше во знакот на емоции, преубави песни на репертоарот и со две распеани специјални гостинки. Изворедните пејачки Наде Талеска и негова штипјанка Зуица Лазова.
Токму со овој концерт Јоце ги прослави своите 25 успешни години на естрадната сцена. Имаше за секој по нешто, песна според сечиј вкус, а особено кога не потсети на старите хитови, меѓу кои и на: “Кој да ти каже Ивана“, “Ни Љ од љубовта“….но и на многу нови кои пејачот заедно со расположената публика ги испеа. Тие се главном оние песни што Јоце ги има неодамна снимено за српскиот музички пазар, каде што е се попопуларен.
Најемотивните моменти се случија кога Јоце со своето 5-годишното синче испеа неколку стиха, за што и двајцата добија долготрајно ракоплескање, а големиот тато бакнежи од малото слатко синче!
Уште поемотивен беше оној трогателен момент додека Јоце ја пееше песната “Црна земја“ која целосно ја посвети на својата почината мајка. Додека емотивно ја пееше оваa потресна балада, дури и клекнат на колената, солзите му текоа. Кога исправен застана на нозете, само се издиша. Публиката занеме, а тој долго наведнат, од се срце се заблагодари за разбирањето. И потоа во секоја наредна песна Панов остави дел од својата душа. Како и во блокот на стари македонски песни, направени во нов модерен аранжаман, а кои како што го советуваше неговиот чичко од Штип, никогаш не треба да се заборават и секогаш изнова да се пеат. Да се чуваат македонските корени.
Тоа е таа целосна љубов која нежно и впечатливо струеше во текот на целата концертна вечер. Енергија која тој со години ја добива од обожавателите.Тивка топла скоро пролетна вечер, исполнета со многу добри песни, одлични рефрени и атмосферата налик на италијанските фестивали по примерот на “Сан Ремо“. Нема да згрешиме ако кажеме, дека одвај чекаме, повторна ваква концертна средба со популарниот Јоце. Уживавме!
Дуле Миќиќ / фото: П.Стојановски