Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска потпиша извршна наредба која има за цел да обезбеди дека САД можат брзо да изградат инфраструктура за напредни операции со вештачка интелигенција (ВИ), како што се големи центри за складирање и обработка на податоци, и да се снабдуваат со електрична енергија од „чисти извори“.
Извршната наредба ги упатува федералните агенции да го забрзаат развојот на инфраструктурата за ВИ од големи размери на владините локации, со нови барања и заштитни мерки за програмерите кои работат таму.
Во изјавата, Бајден вели дека вештачката интелигенција ќе има „големо влијание врз националната безбедност и огромен потенцијал за подобрување на животите на Американците доколку се користи одговорно – од помош со медицински третман до… ублажување на последиците од климатските промени“.
„Нема да дозволиме Америка да биде надмината во развојот на технологија која ќе ја дефинира иднината, ниту треба да ги жртвуваме клучните еколошки стандарди и заедничките напори за заштита на чистиот воздух и чистата вода“, додаде тој.
Според новите правила, министерствата за одбрана и енергетика ќе одредат најмалку три локации каде што приватниот сектор ќе добие одобрение по конкурсот за изградба на центри за складирање и обработка на податоци со вештачка интелигенција на сопствен трошок, под услов електричната енергија за нив да доаѓа од „чисти извори“.
Голем дел од денешната одлука е за намалување на тесните грла во поврзувањето на центрите за податоци жедни за енергија со нови извори на електрична енергија.
На денешната извршна наредба и претходеше ново ограничување на извозот на чипови со висока моќност за компјутери кои обезбедуваат услуги за вештачка интелигенција. Се верува дека администрацијата на Бајден реагира на загриженоста за безбедноста на САД поради активностите на конкурентните производители од други земји.
Тој предлог предизвика загриженост меѓу извршните директори на индустријата за чипови и претставниците на Европската унија за ограничувањата на извозот што би влијаеле на 120 земји.
Помалку од една недела пред Доналд Трамп да ја преземе функцијата претседател на САД, големото прашање е дали неговата администрација ќе ги задржи или ќе ги смени одлуките на Бајден за вештачката интелигенција.