Бајден и повторно гаф : Горд сум што сум прва црна жена која служи со црнец претседател

1450

 

По лошиот настап на дебатата со својот противкандидат Доналд Трамп, за кој уште се раскажува, актуелниот американски претседател, демократот Џо Бајден и кандидат за уште еден мандат, пак се збуни.

– Патем, горд сум што сум, како што реков, првиот потпретседател, првата црна жена… која служи со црнец претседател, рече 81-годишниот Бајден во интервју за афроамериканската радио ТВ станица Wurd во Филаделфија, при што прозвучи како неговата потпретседателка, Камала Харис.

Кога беше избран за претседател, Бајден ја именуваше Харис за потпретседател, со што таа стана првата црна жена на таа функција, па во изјавата за телевизијата веројатно мислеше да го каже тоа.

Инаку, Харис е фаворит за претседателска номинација на изборите на 5 ноември, доколку Бајден одлучи да се откаже. Но, тој не се откажува иако од ден на ден заморот од претседателската кампања сè повеќе го совладува и резултира со нови гафови и чудно однесување.

Ова се случи иако демократите ја зголемија контролата на неговите настапи по првата претседателска дебата на 27 јуни кога пелтечеше и стоеше како здрвен со широко отворени очи. По таа дебата дел од неговите сопартијци побараа да се повлече од претседателската трка, но тој категорично го одбива тоа.

Својата одлука да не се откаже од кандидатура за втор мандат тој ја повтори и во интервјуто.

Како што се зголемува притисокот врз него, така еден по еден се откажуваат донаторите на неговата кампања. Големата донаторка на партијата, Абигејл Дизни, наследничка на богатството на семејството Дизни, кажа дека ќе запре со донациите ако Бајден не се повлече од трката.

-Тоа е реалност, не е непочитување. Ако Бајден не се повлече, Демократите ќе изгубат. Сигурна сум во тоа. Последиците на поразот ќе бидат многу сериозни. Бајден е добар човек и добро ѝ служеше на земјата, но влогот е преголем, изјави Дизни и ја предложи Камала Харис како алтернативна кандидатка која би можела да го победи Трамп.

Покрај Дизни, запирање на донации најавија е холивудскиот продуцент Дејмон Линделоф, холивудскиот менаџер Ари Емануел и филантропот и бизнисмен Гидеон Стајн, кој планираше да даде 3,5 милиони долари.

-Не одам јас никаде, им порача Бајден.