
Додека трае полемиката за тоа до кога ќе биде активен Новак Ѓоковиќ во тенискиот свет, поранешниот тенисер од Кипар, Маркос Багдатис, има своја теорија.
– Новак сака да го освои Вимблдон оваа година и да се пензионира. Мислам дека тоа е неговата цел. Затоа го ангажираше Енди Мареј за тренер, за да бидат навивачите со него – рече легендарниот тенисер од Кипар.
Дали е можно тоа? Поранешниот осморангиран тенисер во светот е убеден дека има шанси за такво нешто.
– Не знам дали е можно, но кога ќе помисли на нешто, Новак обично го постигнува тоа – додаде Багдатис.
Багдатис осум пати играше против Ѓоковиќ и ги загуби сите осум меча. Особено болен беше поразот во четврт-финалето на Вимблдон во 2007 година, кога победи српскиот тенисер во пет сета.
– Слободно можам да кажам дека големата тројка ми ја уништи кариерата, особено Ѓоковиќ – заврши Багдатис.
Легендарниот тенисер, роден во Лимасол, го имаше својот најголем успех на Австралија опен во 2006 година, кога загуби во финалето од Роже Федерер.
Во меѓувреме, Ѓоковиќ продолжи победнички на мастерс-турнирот што се игра во Мајами, САД, со победа во два сета. Тој славеше над Камило Уго Карабели од Аргентина со 6:1, 7:6. Мечот траеше еден час и 45 минути. Во осминафиналето во Мајами, Ѓоковиќ ќе игра против Италијанецот Лоренцо Мусети.
Оваа победа беше рекордна за Ѓоковиќ на мастерс-турнирите – единствен тенисер со 411 победи на турнирите од рангот 1000. На овој турнир, Новак Ѓоковиќ игра за јубилејната 100. титула во кариерата.