Според капиталните буџетски расходи, проектирани на 850 милиони евра, многу пари ќе се инвестираат во завршување на закочените проекти во патната инфраструктура, како автопатот Кичево–Охрид и други патни правци. Во железничката инфраструктура ќе се продолжи со пругата кон Бугарија, но во моментов исклучително е важно за Македонија да почне со реализација на проектот за брза пруга по должината на коридорот 10. Пари се планирани и за инвестиции во енергетиката, но на терен процесот на гасификација е речиси мртов, а изградбата на интерконектори кон Србија и кон Грција се сè уште на хартија
Владата е фокусирана да ги заврши започнатите капитални проекти и паралелно
да развива нови за што во буџетот на државата за наредната година се планирани
50,5 милијарди денари (над 850 милиони евра). Според капиталните буџетски
расходи, баеги пари ќе се инвестираат во завршување на закочените проекти во
патната инфраструктура, како автопатот Кичево–Охрид и други патни правци. Во
железничката инфраструктура ќе се продолжи со пругата кон Бугарија, но во
моментов исклучително е важно за Македонија да почне со реализација на
проектот за брза пруга по должината на коридорот 10.
Во насока на енергетска стабилност и независност на земјава, Владата планира силни инвестиции во нови производни капацитети – во нови обновливи извори на енергија и во модернизација на електропреносната мрежа, два процеса кои треба паралелно да се реализираат. А пари ќе има и за земјоделството, изградба на училишта, градинки, болници и други јавни објекти. На овој начин, Владата планира да се создаде инвестициски циклус кој ќе го поттикне економскиот раст и во 2025 година се проектира на 3,7 проценти.
Според премиерот Христијан Мицкоски мора да се заврши она што е започнато, а
планот на власта е реално да ги реализираат предвидените пари за капитални
инвестиции, а не како досега тие се трошеа за трансфери до јавни претпријатија и акционерски друштва за тековно работење.
Министерката за финансии, Гордана Димитриевска–Кочоска вели дека проектите за изградбата на автопатот Скопје-Блаце и Кичево-Букојчани покажуваат дека во минатото немало никаков интерес за реализација на капитални инвестиции.
– Бев шокирана дека имаме одобрено средства за изградба на Скопје–Блаце и
Букојчани–Кичево, што се поразлични кредити од она што е сега проектот за
Коридорот 8 и Коридорот 10, одобрени уште во 2021 година. Се поставува
прашањето зошто не се почнало со реализација на тие проекти. Кој е виновен за тоа? Парите се одобрени, едниот од ЕИБ, а другиот беше чинам од ЕБРД. Значи, два проекти 3-4 години наназад одобрени заедно во соработка со претходната влада. Ова само покажува дека воопшто немало никаков интерес за реализација на капитални инвестиции. Многу било полесно овие 23 до 30 милијарди денари да се пренасочат за трансфери кон јавни претпријатија, акционерски друштва и уништувања на тие друштва, а денес креирање на дополнителни проблеми. Е тоа е тоа што ние денес го менуваме. Ваквата политика ни донесе стапка на раст таква каква што имавме во минатото, а ние нашата стапка на раст ја темелиме на реални инвестиции – наведе шефицата на државната каса.
Во работата на овие капитални инвестиции ќе бидат вклучени сите надлежни
министерства. Така, средствата за Министерството за транспорт се зголемени за
речиси 70 проценти или околу 7 милијарди денари повеќе. Во поглед на патната
инфраструктура се најавува градежна офанзива на над 200 километри патишта
низ Македонија, а веќе се забележува побрза динамика на градење по
откочувањето на бројните препреки кои ја забавуваа обновата на патната мрежа
во земјава.
Министерот за транспорт Александар Николовски најави дека ќе се забрзаат
активностите за изградба на брза пруга по должината на коридорот 10 за да не
останеме слепо црево на Балканот.
– Бугарија работи на алтернативна пруга на коридорот 10, со што би се
заобиколила Македонија – тврди Николоски, притоа додавајќи дека затоа е многу важно ние како држава што поскоро да изградиме брза пруга.
Според него, наместо по природниот тек на Балканот што се простира по
должината на реката Вардар, се развива алтернатива што има два правца. Едниот е на линијата Виена-Будимпешта-Белград-Ниш-Босилеград, потоа оди под Софија, по реката Струма, до Солун. И втората варијанта е од Романија преку Бугарија источно кон Истанбул. И сега ако сме ние наивни и ако се водиме од приказни што некој ни ги подметнува, а не од нашиот интерес, нема да го развиваме она што е природен тек, а природен тек на Балканот е Вардарската Долина и затоа треба да сме свесни дека инвестирањето во овој проект е приоритет. Јас интензивно работам на оваа работа – истакна Николоски.
Министерката за енергетика, Сања Божиновска, вели дека парите наменети за
енергетски проекти ќе се инвестираат приоритетно во зголемувањето на
обновливите извори на енергија или модернизација на електропреносната мрежа.
– Покрај експанзијата на фотоволтаици, планираме да балансираме преку
искористување на водата, ветерот, биомаса, биогас, кои исто така се ефикасни и нудат различен квалитет и можности за производство на енергија во различни делови од денот и годината. Токму затоа, во првите денови на новата Влада објавивме нова мегаинвестиција со изградба на ветерен парк од 400 MW инсталирана моќност со монтажа на преку 50 ветерни турбини, што претставува најголем ветерен парк во земјите на Западен Балкан, кој ќе обезбедува електрична енергија за потребите на повеќе од 100.000 домаќинства – вели Божиновска и за претстојниот период акцент става целосната гасификација на земјата и изградбата на интерконектори кон соседните земји.
Но, на терен процесот на гасификација е речиси мртов, а изградбата на
интерконектори кон Србија и кон Грција се сè уште на хартија.
(С.Бл.)