Азербејџан е подготвен веднаш да соработува во енергетиката со Македонија

37

Македонија може да се вклучи во зелениот коридор и да потпише договор од една до 25 години, изјави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска. Таа го информирала нејзиниот азербејџански колега Парвиз Шахбазов за стартот на претстојниот инвестициски проект за изградба на конекторот за гас, што, како што оцениле на вчерашната средба, отвора многу можности и потпишување договор со Азербејџан.

-Го известив дека месецов очекуваме потпишување и изградба на конекторот за гас што е за нив многу важна информација и дека за околу 20 месеци ќе биде завршен. Кажаа дека се спремни да потпишеме договор, дека работат со 12 европски земји, од кои 10 се членки на ЕУ и би сакале да се вклучат и во Македонија – изјави Божиновска.

На претстојниот министерски Состанок на советодавниот совет за јужниот гасен коридор, како и за третиот министерски состанок на Советот за зелена енергија ќе разговараме за можноста Македонија да се вклучи, со тоа што можеме да потпишеме договор за една година и секако долгорочно до некои 25 години.

Во однос на дали ваквите иницијативи и најави ќе значат поголеми количества азербејџански гас и транзит, министерката посочи дека тоа зависи од нас.

Како што информираа од Министерството за енергетика на средбата на Божиновска и Шахбазов е оценето дека Македонија е важен транзитен центар за гас до Европа и оти Азербејџан е подготвен веднаш да соработува.

Посебен акцент е ставен на можната соработка меѓу државната енергетска компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) и азербејџанската државна нафтена компанија СОКАР. Партнерството помеѓу ЕСМ и СОКАР е клучно за нашата енергетска трансформација. Во таа насока, договоренa e средба за интензивирање на активностите во рамки на склучениот меморандум за соработка што беше потпишан за време на КОП 29 самитот во Баку.

ИЗДВОЕНИ