Автопатот Кичево – Охрид доби нов, последен рок за завршување. Овој пат, министрите во техничката Влада одредија сечењето на црвената лента на автопатот со должина од 57 километри, кој почна да се гради во 2014 година, да се случи некаде кон крајот на 2026 година.
Првичните проекции беа дека ќе биде готов во 2018 година, но беа утврдени пропусти во трасата и беше продолжен рокот за изградба до јуни 2021. Последните најави од Владата беа дека ќе биде готов до крајот на 2023 година, но се пролонгираше неговата изградба. Доколку се остварат последните најави, целиот проект за автопатот ќе трае до 13 години.
– Владата, на предлог од Министерството за транспорт и врски, ја разгледа информацијата за потребата од донесување закон за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патната делница Миладиновци – Штип и на патната делница Кичево – Охрид, заради склучување анекс бр. 6 кон договорот за изградба на автопат, делница Кичево – Охрид и ги утврди предлог-одредбите на дополнувањето. Со утврдените законски дополнувања, 31.12.2026 година се предвидува како краен рок до кога треба изведувачот да ги заврши работите на оваа автопатска делница. Причината за продолжување на рокот за изградба се 13 нови свлечишта што се појавија на трасата, како резултат на првичниот несоодветен проект и предвремениот почеток на изградба на оваа делница – соопштија од Владата.
Од Министерството за транспорт посочуваат дека Одлуката за продолжување на рокот е заснована врз основа на информациите содржани во извештајот од ФИДИК експертот кој беше изготвен поради истекот на претходниот рок од 31 декември 2023 година.
Согласно новиот анекс, изведувачот се обврзува да ги изгради и да ги пушти во сообраќај до 31 ноември 2026 година подделниците 1 и 2, до 31 август 2025 година делница 2.2 и делница 3, а до 30 септември 2026 година делниците 4 и 5.
– Продолжувањето на рокот е неопходно поради појавата на новите 13 свлечишта што се појавија на трасата, а како резултат на несоодветното проектирање и прераното започнување на изградба без да се земат предвид реалните состојби на теренот коишто требало да се третираат во првичната проектна документација – објаснуваат од Министерството за транспорт.
Изминативе десет години, автопатот го следеше тежок период и на изградба, но и на решавање на проектните задачи, бидејќи немаше проекти за многу проблеми што се јавија, а многу од нив се проектираа во од и во соработка со Градежниот факултет се наоѓаа најоптимални технички решенија, со цел работите на терен да не запрат.
Цело време се нижеа рокови за завршување, но до ден-денеска никако да се види крајот на овој објект, кој, според должината на градење, може да влезе во Гинисовите рекорди. Со право критичарите велат дека да се изведувале по два километра автопат годишно од македонската самостојност во 1991 година до денес, автопатот Кичево – Охрид досега ќе бил готов.
Изградбата започна во 2014 година, а првичната проценка беше дека ќе чини 411 милиони евра. Последниот ревизорски извештај покажа дека за еден километар од автопатот се трошеле по 9 милиони евра. Поради непредвидени работи што се јавувале во текот на градењето, изградбата поскапела за дури 45 %, но се појавиле и куп други причини што го пролонгирале крајниот рок.
Требало да се усогласи проектната документација со реалните услови, дел повторно да се проектира, но и да се изработат нови решенија. Се појавиле и нови свлечишта. Ревизорите излегле и на терен, снимале со дрон и утврдиле дека најголем дел од делницата е трасиран.
Во извештајот е нагласено дека основни причини за забавената динамика за изградба на автопатот се: недостатоците на проектот, задоцнетата експропријација поради нерешени имотноправни односи, потребата од дислокација на надземни и на подземни инфраструктурни објекти, како и недоволниот број технички кадар, механизација и опрема обезбедени од изведувачот (подизведувачите).
– До ноември 2023 година, инвестираните средства достигнуваат износ од приближно 575 милиони евра. Пред да започне изградбата, во јануари 2014, ЈП за државни патишта склучило договор за заем со кинеска банка во износ од 505 милиони долари. По пет години, зеле уште еден заем од плус 180 милиони, со што вкупното задолжување пораснало на 685 милиони долари. „Државни патишта“ не можело да ги плаќа ратите од кредитот, па се активирала банкарската гаранција, а Министерството за финансии го покривало долгот – покажува извештајот.
(С.Бл.)