Автобусите на ЈСП станаа боксерски ринг

136

Скопјани се плашат да влезат во автобус поради тоа што во него често пати се случуваат инциденти и тепачки во кои, во последно време, се вклучени повозрасни граѓани, а не како што беше досега претежно средношколци, па дури и самите возачи. Се жалат на безобѕирните и невнимателни возачи кои наместо да гледаат пред себе и да бидат сконцентрирани, бидејќи се одговорни за патниците во возилото, тие возејќи зборуваат на мобилен телефон и притоа предизвикуваат незгоди. Дел од граѓаните за весникот ВЕЧЕР ги споделија своите искуства и патешествија додека патувале од една до друга дестинација.

Според последниот достапен извештај за работењето на ЈСП, во периодот од јануари до јуни 2024 година во автобусите на ЈСП се случиле 297 инциденти, што претставува намалување за 5,4 проценти во споредба со истиот период во 2023 година. Зголемување бележат физичките напади за 100 проценти и заканите за 42,9%. За овој период биле регистрирани шест напади врз возачи, 9 физички напади и 10 закани во возилата  

 

Скопјани што го користат автобускиот јавен превоз покрај немањето автобуси се соочуваат со уште еден проблем. Се плашат да влезат во автобус поради тоа што во него често пати се случуваат инциденти и тепачки во кои, во последно време се вклучени повозрасни граѓани, а не како што беше досега претежно средношколци, па дури и самите возачи. Се жалат на безобѕирните и невнимателни возачи кои наместо да гледаат пред себе и да бидат сконцентрирани, бидејќи се одговорни за патниците во возилото, тие возејќи зборуваат на мобилен телефон и притоа предизвикуваат незгоди.

Дел од граѓаните за весникот ВЕЧЕР ги споделија своите искуства и патешествија додека патувале од една до друга дестинација.

– Влегов во автобус со број 5 на „Рекорд“ и по само неколку извозени метри возачот нагло закочи и во автобусот се случи карамбол. Неколку луѓе паднаа и почнаа да викаат, а јас махинално обидувајќи да се задржам за седиштето, се здобив со длабока расекотина на раката, поради што почна да ми тече крв. Откако се симнав од автобусот, се упатив кон дирекцијата на јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП), во Автокоманда, за да го пријавам случајот, а оттаму добив брутален одговор. Одговорни лица од претпријатието ми рекоа дека залудно се обидувам да добијам некаква отштета за направената штета, а потоа ми ја кажаа целата процедура, односно што се треба да направам за да го истерам случајот до крај – вели Зорица Трајковска за весникот ВЕЧЕР.

Таа објаснува дека и било кажано оти најпрво треба да повика полиција на местото на настанот или истиот да го пријави во полиција, потоа да оди на лекар и да добие извештај од доктор за степенот на расекотината, потоа да се врати во полиција од каде што ќе ѝ направат извештај, за на крај со писмено барање да се пријави во ЈСП, и сето тоа да биде направено во најбрз можен рок.

– Видов дека се е залудно, па се упатив на лекар само за да ми ја санираат повредата, поради која неколку недели лежев дома неспособна за работа – раскажа Трајковска.

Токму ваквата сложена процедура ги одвраќа граѓаните да ја истераат правдата до крај, а главните виновници, возачите продолжуваат и понатаму да возат без притоа да бидат санкционирани.

Друга скопјанка, пак, возејќи се со автобус со бројот „2“, пак, била сведок на тепачка меѓу двајца возрасни мажи во него, на која потоа се приклучил и возачот.

– Двајца патници нешто проговорија меѓу себе и почнаа да се тепаат, потоа возачот срипа од возачкото седиште и го фати за гуша едниот од нив. Веќе стана страшно да се возиш во автобусите на ЈСП – тврди скопјанката.

Таа додава и дека се возела во автобус кога возачот зборувајќи на мобилен телефон, нагло закочил на кружниот тек кај АМСМ, поради што една девојка во автобусот паднала.

– Тој продолжи да вози без да ја праша девојката како е и дали се повредила – го сподели своето искуство скопјанката.   

Од ЈСП не одговорија на повиците, ниту на прашањата за тоа какви се нивните сознанија за инциденти и тепачки во автобусите, колку тепачки во автобусите се регистрирани минатата година и во колку од нив биле вклучени возачите, што превзема ЈСП во вакви случаи и дали до сега некој одговарал за тоа?

Африм Муча од Независниот синдикат на возачи при ЈСП вели дека не бил запознаен дека во последно време има зачестени тепачки меѓу возрасни патници.

– Знам за тепачки меѓу средношколци најчесто на Железничка станица, а за инциденти меѓу возрасни не сум запознаен. Во таков случај се пријавува во полиција, потоа полицијата си продолжува понатаму. Се пријавува и во внатрешната контрола на ЈСП. Тие составуваат записник. Доколку некој од возачите не го знае бројот на внатрешната контрола, се бара Диспечерскиот центар на ЈСП – објаснува Муча.

Според последниот достапен извештај за работењето на ЈСП, во периодот од јануари до јуни 2024 година во автобусите на ЈСП се случиле 297 инциденти, што претставува намалување за 5,4 проценти во споредба со истиот период во 2023 година. Зголемување бележат физичките напади за 100 проценти и заканите за 42, 9 %. За овој период биле регистрирани шест напади врз возачи, 9 физички напади и 10 закани во возилата.

(А.П.)

ИЗДВОЕНИ