Автобусите или многу доцнат или воопшто ги нема во приградските населби

22

Од Општина Сопиште потврдуваат дека секојдневно до нив стигнуваат поплаки од граѓани. Велат дека проблемот е актуелен веќе две години, но дека периодов автобусите не сообраќаат по утврдениот возен ред, а често се случува неколку поаѓања и воопшто да не се реализираат. Нагласуваат дека поради нередовност на автобусите, граѓаните не може да го планираат времето и доцнат на здравствени прегледи, работа, училиште, факултет… Градоначалникот на Општина Сопиште, Стефче Трпковски, апелираше до ЈСП и до Град Скопје, како основач на ЈСП, час поскоро да го решат овој проблем затоа што, како што вели, жителите на Општина Сопиште заслужуваат квалитетен јавен превоз како и сите други жители на Град Скопје. Од ЈСП тврдат дека превозот во текот на денот, согласно со возниот ред, се реализира навреме, со чесни исклучоци кога станува збор за исклучување возило поради технички проблем и неможност навремено да се достави резервен автобус. Од неодамна, како што велат, на територијата на Општина Сопиште имаат вклучено и од новите автобуси од типот MAN

 

Жителите на Општина Сопиште имаат проблем со јавниот превоз. Тие се жалат дека автобусите се нередовни и дека во последно време проблемот станува алармантен. Од Општина Сопиште потврдуваат дека секојдневно до нив стигнуваат поплаки од граѓани. Велат дека проблемот е актуелен веќе две години, но дека периодов автобусите не сообраќаат по утврдениот возен ред, а често се случува неколку поаѓања и воопшто да не се реализираат. Нагласуваат дека поради нередовност на автобусите, граѓаните не може да го планираат времето и доцнат на здравствени прегледи, работа, училиште, факултет…

Градоначалникот на Сопиште, Стефче Трпковски, во изјава за МИА вели дека квалитетот на испорачаните услуги е на незадоволително ниво и покрај тоа што, како Општина, навремено ги намируваат финансиските обврски кон ЈСП.

– Автобусите доцнат или ги нема. На почетокот не беа редовни, но сега се случува и воопшто да ги нема. Имаме редовна комуникација со месните заедници, но и граѓаните се јавуваат, пишуваат дописи. Сето тоа го проследуваме, толку се нашите ингеренции, да ги известиме ЈСП и Градот Скопје за квалитетот на нивните услуги. Најчесто немаме никаков одговор, немаме редовна комуникација, иако се обидуваме – вели Трпковски.

Во Општина Сопиште има околу 10.000 жители, но со оглед на тоа што станува збор за општина што во последните години стана доста атрактивна, бројот на жители за викендите се зголемува речиси двојно. Јавниот превоз, според проценките на Општината, го користат околу 5.000 жители.

– Сопиште има променлив број жители. До петок сме 10.000, но за викендот имаше уште 10.000 жители. Најголемиот процент од жителите го користат јавниот превоз, тоа се студентите, средношколците, добар дел од луѓето одат на работа со јавен превоз. Сакаме јавно да апелираме до ЈСП и до Град Скопје, како основач на ЈСП, час поскоро да го решат овој проблем, затоа што жителите од Општина Сопиште заслужуваат квалитетен јавен превоз како и сите други жители на Град Скопје – вели Трпковски.

Од ЈСП  велат дека моменталната состојба со јавниот превоз е подобрена и дека сите возачи максимално се трудат да го почитуваат предвидениот возен ред и да стигнат во претходно определениот термин. Притоа, тврдат дека превозот во текот на денот, согласно со возниот ред, се реализира навреме, со чесни исклучоци кога станува збор за исклучување возило поради технички проблем и неможност навремено да се достави резервен автобус. Од неодамна, како што велат, на територијата на Општина Сопиште имаат вклучено и од новите автобуси од типот MAN.

– Редовно сообраќаат автобуската линија со бр. „58“, на релација Транспортен центар – с. Добри Дол, автобуската линија со бр. „58а“,на релација Транспортен центар – с. Света Петка и автобуската линија со бр. „58б“, на релација Транспортен центар – Брзовец. Причина за ненавременото поаѓање на автобусите некогаш е, главно, метежот во сообраќај или градежна активност, за кои се трудиме да бидат незачестени – велат од ЈСП.

Додаваат дека имаат доволно капацитет да ги задоволат потребите на жителите од оваа Општина и дека преземаат сè што е во рамките на нивните можности за редовен јавен превоз.

– Ги имаме земено предвид нивните забелешки и преземаме сè што е во наша можност за да сообраќаат линиите редовно, со оглед на актуелната ситуација во која е претпријатието и фактот дека возилата во возниот парк на ЈСП Скопје се со просечна старост од 13 години и тековно може да се случи каков било дефект. Ги замолуваме тамошните граѓани за разбирање и се надеваме за понатамошна соработка како и досега, работејќи на изнаоѓање заеднички решенија – нагласуваат од ЈСП.

Во Општина Сопиште сообраќа автобусот бр. „58“, кој го има во неколку линии, поточно бр. „58“, кој оди до Добри Дол, „58б“, кој транзитира до Брзовец и „58а“ – до Света Петка. Во летниот период има и „58“, која гравитира од Нова Брезница до Јаболце.

Според информациите за возниот ред објавени на веб- страницата на Јавното сообраќајно претпријатие, во просек „58“ треба да има на половина до еден час, а поретко одат „58а“ и „58б“.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ