Скопјани утринава останаа повторно да чекаат автобуси на станиците. Јавниот градски превоз е во тотален колапс. Од 230 автобуси, утринава биле пуштени само 40 автобуси, а скопјани се снаоѓаа како знаеја и умееја за да стигнат до саканите дестинации.
Автобуските станици беа преполни со луѓе, а кога по некоја случајност ќе дојдеше автобус луѓето се буткаа за да влезат во него, карајќи се меѓу себе. Возач на автобусот со број 5 искоментира дека е недозволиво метропола како Скопје да остане без јавен превоз.
Очајните кои немаа среќа со јавниот превоз, се обидуваа да побараат такси, но и нив ги немаше, бидејќи беа зафатени.
-Утринава вртев на повече такси компании, но телефоните им беа зафатени. А и ако добиеш ќе те одерат, само старт е 100 денари- коментираше скопјанка.
Како резултат на ваквата состојба со јавниот превоз, повеќето скопјани кои тоа можат да си го дозволат ги земаа своите автомобили, па по улиците имаше редици автомобили и нервозни возачи.
Претседателот на Независниот синдикат на возачи при ЈСП, Африм Муча изјави дека и тие 40 автобуси што се пуштени ќе возат додека има во нив нафта.
-И тие ќе возат додека имаат нафта. До попладне се надевам дека ќе имаат, а потоа и тие ќе се повлечат во базите.Не ми се верува ова што се случува. Да се остави народот да чека на автобуски станици и да мрзне- нагласи Муча, не знаејќи да каже кога повторно ќе има нафта.
Тој ја повика скопската градоначалничка, Данела Арсовска да превземе нешто.
-Нека излезе во јавноста да каже што се случува.Таа си оди со службено возило на работа, а народот плаќа месечни карти и не ги добива потребните услуги за тоа. Голем срам – реагира Муча.
(А.П.)