Центарот за научно истражување и промоција на културата ХАЕМУС го организира интерактивниот изложбен настан „Денот на Баба Марта“, во чест на обичајот мартинки, нематеријално културно наследство впишано во репрезентативната листа на УНЕСКО.
Во рамките на изложбата ќе бидат претставени: автентични мартинки од различни држави од колекцијата на ХАЕМУС, едукативни панели на неколку европски јазици, публикации на ХАЕМУС поврзани со традицијата на мартинките, интерактивни игрифицирани активности и раскажување приказни за посетителите.
Особено внимание ќе ѝ биде посветено на интерпретацијата на обичајот мартинки, преку различни интерактивни моменти. За таа цел, ХАЕМУС склучи партнерство со Славица Трчкова од ателјето за рачни изработки „Craft Time“, како и со Дамјан Ристовски и Сара Јакимовска од брендот „Народни носии“. Нивните дела ја претставуваат современата интерпретација на древните техники за изработка на мартинките, комбинирајќи ја традицијата со одржливиот начин на живот.
Настанот ќе се одржи на 28 февруари 2025 година, во Јуроп хаус Скопје, од 10:00 до 18:00 часот, кога посетителите ќе имаат можност да се запознаат со оваа вредна традиција. Тие ќе може да се запознаат со изработката на мартинките и преку лично искуство да научат повеќе за нивните значење, историја и симболика. Автор на изложбата е м-р Василка Димитровска, креативен директор на ХАЕМУС.
Како правен носител на обичајот мартинки во УНЕСКО, ХАЕМУС посветено работи на зачувување и промоција на ова културно добро. За своите заложби да ја спаси оваа традиција од изумирање, проектот на ХАЕМУС „Денот на Баба Марта“ ја доби престижната награда за најдобра европска приказна за 2020 година, од Советот на Европа и Европската комисија. Како резултат на оваа награда, ХАЕМУС создаде анимиран филм и серија едукативни публикации за деца и за млади за обичајот мартинки, на македонски, англиски, албански и на турски јазик.