Во просторите на „Алкалоид“ е отворен музејот на ова компанија, кој е автентичен времеплов низ компаниската историја, втемелена врз многу труд, знаење, искуство и квалитет. На површина од над 300 квадратни метри, Музејот вклучува внимателно колекционирани сегменти од богатата компаниска историја и од работниот век на генерации алкалоидовци.

Генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, пред присутните рече дека овој момент е значаен за сите зашто музејот е збир на моменти и емоции на генерации луѓе што работеле во компанијата од основањето во 1936 година до денес.

– На едно место собравме поставки од скромните почетоци во два погона, во кои 15 работници произведувале 350 килограми фармацевтски суровини, до денес, кога во зенитот на деветтата деценија од нашето постоење имаме над 80.000 квадратни метри производствени капацитети, илјадници исполнителни вработени и милиони задоволни корисници – истакна Мукаетов.

Во музејот на „Алкалоид“ се поставени и машини што се користеле низ годините, производи на ова фармацевтска компанија, како и спортските достигнувања на поединци и клубови кои „Алкалоид“ ги поддржувал. Музејските експонати на компанијата го вклучуваат првиот филм за „Алкалоид“ од 1950 година, најстарото кутиче и оригиналното одобрение за производство на лекот „Кафетин“ од 1957 година, првите пакувања на култниот „Бекутан“ од 1978 година, историјата на Билка со брендот Good Nature од 1966 година, најстарите индустриски машини, ретроспектива на компанискиот логотип низ децениите, примероци од првите изданија на т.н. фабрички весници на „Алкалоид“ од 1971 година и друго.

Колекцијата содржи и експонати од поновите производи и брендови на „Алкалоид“, како што се брендот „БлокМакс“ од 2012 година, екстензиите на „Прокулин“ од 2017 година, „Бекутан Кидс Витс“ од 2019, портфолиото на „Мулти Есенс“ од 2020, како и водечкото портфолио на цефалоспорини во компанијата.