Австралија планира да воведе старосна граница за користење на социјалните мрежи

75

Австралиските власти планираат да воведат старосна граница за користење на социјалните мрежи, поради тврдењата дека тоа му штети на менталното и физичкото здравје на децата. Експертите предупредуваат на можни злоупотреби.

Австралискиот премиер Ентони Албанес објави дека неговата влада планира да воведе пробен период пред да го донесе законот за старосната граница за користење на социјалните мрежи, пренесе РТС повикувајќи се на Ројтерс.

Тој не ја прецизираше точната старосна граница, но посочи дека најверојатно таа ќе биде меѓу 14 и 16 години.

„Сакам да видам како децата ги оставаат уредите и одат на фудбалски терени, базени и тениски терени. Сакаме тие да имаат вистински искуства со вистински луѓе, бидејќи знаеме дека социјалните мрежи предизвикуваат социјална штета“, изјави Албанес за австралиски ABC.

Ако Австралија го усвои законот, таа ќе биде меѓу првите земји што ќе воведат старосна граница за социјалните мрежи. Претходните обиди, вклучително и оној на Европската унија, не беа успешни поради поплаките за стеснување на правата на малолетниците за користење интернет.