Авион се урна во челичарница во Германија: Загинаа пилотот и копилотот/ФОТО

81
EPA Clemens Bilan

Мал авион денеска се урна во комплекс на челичарница во северна Германија, при што загинаа пилотот и копилотот, соопшти полицијата.

Авионот полетал од аеродромот во Салцгитер-Драјт и се урнал набргу потоа на теренот на челичарницата Салцгитер, потврдил портпаролот на противпожарната служба. Точната причина за несреќата првично беше непозната, но портпаролот на полицијата нагласи дека се претпоставува дека станува збор за несреќен случај, јави агенцијата ДПА.

Авионот паднал во тесен простор меѓу две сали и се запалил, изјави шефот на противпожарната служба Арно Зикс. Според него, низ густиот чад можеле да се видат само делови од крилото, а она што останало го опишал како „изгорена челична конструкција“.

Зикс рече дека околу 90 служби за итни случаи биле на местото на несреќата, на околу 50 километри источно од Хановер, и дека болничарите констатирале смрт на двајцата мажи во авионот откако пожарот бил изгаснат.

Портпаролот на Салцгитер рече дека објектите претрпеле само мала штета и дека производството не било засегнато.

ИЗДВОЕНИ