Атмосферската и фекална канализација не е депонија за одлагање отпад

58

Екипите на јавното претпријатие „Водовод и канализација“ во текот на изминатите денови, при чистење на атмосферската линија отстраниле над 15 кубни метри отпад, што претставува дел од причините за намалување на протокот на вода во системот.

Од ЈП „Водовод и канализација“ апелираат до граѓаните, совесно и одговорно да се однесуваат кон канализационата линија, атмосферска и фекална, бидејќи како што велат таа не е депонија за одлагање на секаков вид отпад, кој пироднесува до затнување на линиите и при поголемо количество на вода дури и поплави.

Во согласност со најавите за временската прогноза која предвидува врнежи од дожд и засилен ветер, покрај редовните активности за одржување на атмосферската канализација, во текот на изминатите денови, екипите на претпријатието и од утрово се на терен за спроведување на дополнителни акции за расчистување на сливниците и шахтите. Посебен акцент е ставен на критичните точки на територија на град Скопје.

-Тимовите распределени по реони работат на рачно и машинско чистење на сливниците и шахтите кои се дел од атмосферската канализациона линија, со цел овозможување на нејзина непречена функционалност – соопштија од претпријатието.

Екипите на ЈП „Водовод и канализација“ организирани во дежурни тимови остануваат на терен се додека не помине овој циклус на променлива временска прогноза проследена со силно невреме.