Коцката на улицата „Јордан Поп Јорданов“, во населбата Маџари, заминува во историјата. Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски најави реализација на нов проект кој е од посебно значење на жителите на Маџари. Станува збор за изградба на атмосферска канализација на улицата „Јордан Поп Јорданов“, како прва фаза од целокупниот проект.

– Веднаш по завршувањето на изградбата на потребната подземна инфраструктура ќе се пристапи кон асфалтирање на улицата, со што коцката ќе замине во историјата – истакна Стефковски.

Тој вчера ја потпиша одлуката за избор на економски оператор кој ќе ги извршува градежните активности за изградба на атмосферска канализација на наведената улица.

– Среќен сум што реализацијата на овој проект се случува во мојот мандат како градоначалник на општина Гази Баба, бидејќи жителите од оваа улица го барале тоа години наназад – потенцираше Стефковски.