Со чудесен пресврт во второто полувреме од натпреварот против Жалгирис, кошаркарите на Панатинаикос стигнаа до 14. победа во Евролигата, но тесната ротација на центарската позиција го принуди актуелниот европски шампион брзо да најде поддршка за осамениот Вењан Габриел.
Поранешниот првотимец на Макаби Тел Авив го одигра својот најдобар натпревар откако им се приклучи на „зелените“, со 15 поени, но според грчките медиуми, наскоро би требало да добие поддршка на позицијата „пет“ со центар од шпанската Сарагоса, Жилсон Банг.
Дека амбициите на Панатинаикос и покрај проблемите се издигнати на највисоко ниво, потврдуваат и зборовите на тренерот Ергин Атаман по натпреварот.
- Никој не може да не спречи. Ние сме најдобриот тим во светот! Ги имаме најдобрите играчи, стручен штаб, навивачи, претседател… Со или без мене. И без Лесор, Осман, Григонис. Ќе дојде осмата титула во „ОАКА арената“, изјави Атаман по пресвртот против Жалгирис.
Инаку, Атаман беше исклучен на натпреварот против Жалгирис и тоа во крајно бизарна ситуација. Имено, судиите во еден момент од натпреварот на турскиот стручњак му досадија неспортска, а подоцна и го исфрлија. Атаман беше навредуван од еден навивач од трибините, а откако неколку пати го опоменаа да не одговара на прозивките, тој доби исклучување.
Инаку, голема победа во последната секунда извојува и тимот на Реал Мадрид, кој на домашен терен беше подобар од Басконија со 90:89. Творец на овој триумф беше Марио Хезоња кој во последната секунда постигна тројка.