Овен – Овенот е темпераментен зодијачки знак кој умее храбро да се спротивставува на животните искушенија. За него е најбитно да биде индивидуално насочен кон целта што значи да не зависи од другите, да ја спроведува агендата на храброста, самостојноста и прогресивноста и пред сè да си зацрта цели за остварување на своите интелектуални потенцијали. Тој владее со енергијата што значи дека страста и волјата се секогаш присутни кај овој зодијачки знак. Во текот на 2025 година треба да го искористи позитивното влијание на Јупитер во близнаци, кој транзитира во поле на свест, визија, документи, кратки патувања, односи со роднини. Значи, сите слабости произлезени од овие домени треба да бидат надминати и пред сè да се потпре на своето ниво на свест и да развива храброст и независност во дејствувањето. Преку зајакнувањето на свеста може да ја подобри и својата судбина затоа што тоа е поле што дава широки можности ако јасно се постават целите, а едни од целите се во љубовта да преовладува страста, да се надминат некои состојби во односот што го ограничуваат и да не им дозволи на негативните лица да му ја цицаат силата (енергијата). Слободните овни да манифестираат волја и визија градејќи релација со личност која вистински ќе ги восприема. Да бидат дистанцирани од кавги на професионален на план или, пак, да бидат малку поактивни за да успеат во доменот на работата. Значи, 2025 година бара акција, бара храброст, бара динамика, бара решителност и промени затоа што од 25 мај Сатурн влегува во зодијачкиот знак овен. Тоа е многу интересен транзит бидејќи се случува првпат по 29 години, што значи дека овенот ќе се сретне со една нова животна перспектива и ќе може да најде решение за одредени проблеми што го притискаа изминатите години. Таа нова животна перспектива би требало да донесе поголема стабилност и сигурност, како и остварување значајни цели во животот. Сепак, Сатурн е познат како голем учител и веројатно на овните ќе им наметне одредени борби и искушенија, но сè додека Јупитер е во близнаци (ќе биде во знакот на близнаци до 10 јуни), овенот ја има поддршката од ѕвездите. Најважно е да го преиспита системот на вредности и за што ќе се залага, да утврди кој, како му влијае и каде и со кого се чувствува мирно и хармонично. Сè што е штетно, сè што е дисхармонично, сè што му ја троши енергијата треба да биде напуштено. Значи, да верува во својата енергија, во својата страст и во својата визија и преку тие вредности да оствари висок потенцијал и напредок во животот.
Бик – Бикот е зодијачки знак на стабилноста, на трпеливоста, но и на упорноста и тврдоглавоста. Уран повеќе од 6 години транзитира во зодијачкиот знак бик, а Уран е планета на непредвидливост, на искушенија, на борби и предизвици понекогаш и на некој ризични состојби на животот, дали заради некои постапки кои не биле рационално спроведени, дали заради неснаоѓање во одреден однос или на работно место. Сите овие нешта на бикот му создаваа одредена тензија и го соочија со одредена криза на идентитет. Гледано од астролошки аспект, бикот не помина најсјајно во последните години заради одредени транзити на планетите. Уран наскоро (на 7 јули) ќе прејде во знакот на близнаци и тоа укажува дека промените ќе бидат присутни кај биковите. 2025 година е година кога бикот треба да работи на системот на вредности и на хармонизирање на својата личност. Клучно е да ја подобри емоционалната состојба, да се зајакне на психофизички план, да се определи за односи и состојби кои ветуваат одредена хармонија, да го преиспита сопственото однесување во претходните години итн. Најважно е да преиспита до каде стигна со иницирањето на некои свои ризични и неразумни постапки и да биде свесен дека честопати се товари со нешта што целосно го исцрпуваат на енергетски план. Емоционалниот отров и психофизичкиот товар може да го симне ако внатрешно се промени и сфати дека за некои работи и самиот бил виновен. Но, сепак Уран како планета на борба и неизвесности може да донесе и прогресивност, визија, храброст и отворање на нова животна патека. Сето она што беше старо, сето она што го измачуваше бикот треба да биде принесено пред себеси (јасно согледано), треба да се разреши со цел ослободување на патот за нешто ново. Оптимизмот и волјата мора да се развиваат во 2025 година и да се верува дека ќе биде подобро. Веројатно потенцијалите за подобрување на психофизички план ќе бидат многу повисоки. Некои пријателства, кои се покажаа како лажни или едноставно трошеа повеќе енергија а носеа помалку добродетел, треба да бидат завршени. Целта, визијата и креативноста на бикот треба да бидат свртени кон професионалната област. Значи, што повеќе да вложува во кариерата, да ја подобри финансиската состојба, но да се подобри себеси како личност и да види што е тоа штетно што го манифестирал и што е тоа добро кон кое треба да се насочи. Значи трпеливо кон целта, без преголема зависност од надворешните фактори, но со самодоверба и со визија дека новите моменти пристигнуваат, а тие нови моменти треба да донесат подобра состојба во љубовта, похармонична односи во семејството и поголем напредок во работата.
(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)