Возачот на Астон Мартин, Фернандо Алонсо, верува дена неговиот тим во иднина ќе беележи далеку подобри резултати, откако го ангажираа познатиот дизајнер на болиди Адријан Њуи.

Њуи, кој е во Формула 1 повеќе од 30 години и правеше шампионски болиди за Вилијамс, Мекларен и Ред Бул, од 1 март следната година ќе работи за Астон Мартин.

Њуи неодамна изјави дека особено претпочита да работи со Алонсо, кого го нарече свој „архинепријател“ затоа што тој беше голема закана за неговите тимови во тоа време.

  • Тој е одлично засилување за тимот. Астон Мартин е тимот за иднината, изјави Алонсо.

Двократниот светски шампион додаде дека учествувал во напорите на тимот да го убеди Њуи да ја прифати работата.

  • Му испратив порака, како и сите веројатно. Сакав да работам со него. Го видов на трката во Монако во мај и поминавме половина час во разговор. Не знам, мислам дека сите се обидовме да го убедиме. Мислам дека Лоренс (Строл) и неговата визија, новата фабрика и она што Астон Мартин го сака во иднина, заедно со Хонда, веројатно беа клучните фактори, додаде Алонсо.

Њуи не може да започне со работа во Астон Мартин пред март, поради што нема да има влијание на болидот за следната сезона, а Алонсо смета дека би било подобро да го искористи 65-годишниот дизајнер за да го подготви болидот за 2026 година, кога ќе стапат на сила новите правила.

  • Мислам дека не треба да трошите премногу во сезоната 2025, освен ако не се борите за титулата. Се надевам дека ќе имаме пријатно изненадување, но се сомневам во таквиот расплет на настаните. Затоа мислам дека проектот 2026 треба да биде првиот болид што Њуи ќе го дизајнира, заврши Алонсо.