Артан Груби, Талат Џафери, Александар Даштевски, Борислав Крмов… треба да платат глоби од по 300 евра

АНТИКОРУПЦИОНЕРИТЕ ГИ САНКЦИОНИРАА НЕСОВЕСНИТЕ ФУНКЦИОНЕРИ

669

Околу деведесетина лица – актуелни и поранешни функционери, пратеници и носители на други јавни функции – се казнети од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата. Антикорупционерите денеска го објавија списокот на овие лица на кои им се изречени казните од по 200 и 300 евра како парични глоби за прекршување на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

-Во согласност со член 98 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси има обврска јавно да ги објави информациите за извршените контроли, спроведените постапки и глобите кои се изречени за сторените прекршоци. Досега од донесувањето на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси („Службен весник на Република Македонија бр.12/2019“) ДКСК ги нема јавно објавувано овие информации, ова во иднина ќе биде редовна практика – соопштија антикорупционерите.

На долгата листа прв е екс-министерот за здравство Фатмир Меџити, кој ќе треба да плати глоба од 200 евра, бидејќи како тогашен министер не доставувал бараните информации до ДКСК во рок од 15 дена од добивањето на барањето. За истото дело паричната глоба од 200 евра му е изречена и на поранешниот прв заменик-министер и Министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби.

Санкцијата изречена на Талат Џафери се однесува на периодот кога бил претседател на Владата и истовремено пратеник во македонското Собрание. Глобата која ќе треба да ја плати изнесува 300 евра. Толку висока казна ќе треба да прати и актуелниот пратеник од Левица Борислав Крмов поради тоа што по изборот на функција не поднел изјава за имотна состојба и интереси до ДКСК.

На голем број поранешни пратеници им е изречена глоба од по 300 евра од причина што по престанокот на функцијата пратеник не поднеле изјава за имотната состојба и интереси. Ваквата санкција се однесува на поранешните пратеници Арбен Зибери, Ељми Азири, Даниела Колева, Љатифе Бишковска. Бајрам Кадрија, Ремзи Мемеди, Арбер Адеми, Беким Ќоку, Садие Шаини, Иванка Василева, Изет Меџити, Арта Билали – Зендели, Марија Костадинова, Хусни Исмаили, Горан Мисовски, Бастри Бајрами…
Санкции од по 300 евра се изречени и на новоизбраните пратеници – Аднан Азизи, Душко Иванов и Јована Мојсовска.

Антикорупционерите утврдиле дека и претседател на Државната изборна комисија Александар Даштевски го прекршил законот.

-Александар Даштевски, претседател на ДИК, ја прекршил забраната за користење на грант, заеми,односно финансиска поддршка, по член 52 од ЗСКСИ, а казнив по член 105, став 1, алинеја 11 од ЗСКСИ со 300 евра – соопшти ДКСК. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ