Во Град Скопје, како сопственик на Универзална сала не биле информирани за отпочнување на градежните работи, па градоначалничката Данела Арсовска јавно праша врз основа на кој проект се работела реконструкцијата и на кое мислење за стабилност и сеизмичка заштита се работело.
Овие прашања таа ги постави на тематската прес-конференција по повод пожарот во салата и се осврна на изјавите на министерката за култура, Бисера Костадиновска – Стојчевска и на Лазар Арсовски, сопственикот на фирмата „Универзал Балкан“ што ја изведува реконструкцијата, што беа дадени дента кога се случи пожарот.
– Кој е управител на градба на објектот на Универзална сала во моментот на опожарување и врз основа на кој документ и на кој проект? Кој е надзор на градба во моментот на опожарување и врз основа на кој документ и на кој проект? Каде, кога и од кого е осигуран објектот на Универзална сала, на која вредност и за кои случаи на настанување штета – се само дел од прашањата што ги постави Арсовска.
Градоначалничката искоментира дека „во оваа држава старите кабли се причина за сите пожари, по изјавата на Арсовски дека можно е пожарот да бил предизвикан од стар кабел или инсталација“, истовремено прашувајќи од каде произлегле таквите сознанија.
Според неа, нејасно е зошто министерката за култура ако дознала за пожарот пред 9 часот, истиот не го пријавила и зошто ако работниците и инженерката на фирмата се обидувале да го гаснат пожарот и откако не го локализирале, не пријавиле и не побарале помош од Противпожарната бригада на Град Скопје, каде многу подоцна е пријавен пожарот од страна на случаен минувач.
– Бев напаѓана дека не дозволувам продолжување на проектот на реконструкција кога на секој наш граѓанин му е јасно дека градоначалникот нема ингеренции, ниту надлежности да пренесе право на реконструкција или било каква одлука со сопственост на имотот на Град Скопје, без соодветна одлука на Советот – рече таа.
Причината за пожарот во салата, која почна да се реновира пред еден месец, засега не е позната.
Арсовска потсети дека по преземањето на функцијата, Град Скопје предупредил дека проектот не обезбедува безбедна изградба, но таквите информации за проекти од милиони евра, како што рече, не се пренесуваат, а поважни биле куќарките на плоштадот или новогодишната елка.
– Дел од учесниците кои го форсираат проектот здружено со политичките елити напаѓаа и водеа медиумска хајка тврдејќи дека истото не е точно и дека е безбедно да се продолжи, иако истото никако не беше возможно. По две години се потврдува дека тврдењата на градоначалничката Арсовска се точни, за што следат детали со кои прецизно ќе биде образложено за целокупната јавност и целата документација поврзана со проектот ќе биде објавена – рече Арсовска.
(С.Бл.)