Градските советниците не ја донесоа одлуката за промена во линискиот превоз на патници во Градот Скопје, со која се предвидуваше менување на возниот ред на повеќе линии, и тоа: 2, 2а, 3, 3б, 5, 8, 17, 24, 50, 57, 18, 60, 61 и 71. По таквото гласање, им се обрати градоначалничката Данела Арсовска, со зборовите: „Ги тепате граѓаните, а не им давате да плачат!“
– Ова навистина се коси со она што е разумно и нормално. Треба да знаат граѓаните кога им доаѓа автобусот, треба да се сменат информациите на таблите, сега се тие според старата одлука. Барем тоа да се направи кога не се дозволува да се набават нови автобуси. Не знам што треба да се случи за да им се обезбеди на граѓаните нормален јавен превоз – истакна Арсовска.
Советникот Филип Јаневски од Глас за Македонија забележа дека со новите возни редови за автобуските линии, кои, пред сè, сообраќаат во приградските населби и населени места, возилата ќе доаѓаат на подолги интервали.
– Токму од овие причини, нема да ја поддржиме оваа одлука. До пред две и пол години, возниот ред, ваков како што е, се почитуваше и со овој број автобуси што ги имаме. Тоа значи дека не станува збор за недостиг на автобуси туку се работи за несоодветно менаџирање со Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ и со неговиот возен парк. Тоа е недозволиво. Граѓаните плаќаат двојно за услугите, а и од нивни пари, всушност, се субвенционира претпријатието. Со парите што му ги даваме на ЈСП, досега ќе изградевме два моста. Затоа нема да ја поддржиме одлуката – нагласи Јаневски.
Независната советничка Ирена Витина, пак, смета дека има потреба од менување на возниот ред, бидејќи доцнат автобусите на одредени места.
– Ако не се обновува возниот парк, граѓаните барем треба да знаат кога ќе им дојде автобусот. Ако се набавеа 50 автобуси досега, можеби и немаше да расправаме сега за оваа одлука – истакна Витина.
Советничката од СДСМ, Љубица Јанчева, потенцираше дека е потребно да се донесе оваа одлука, бидејќи на тој начин ќе се сменат информациите на информативните табли за времето на доаѓање на автобусите, на кои сега има податоци според претходно донесената одлука.
– На пример, на информативната табла стои дека автобусот со бројот „5“ доаѓа за пет минути, а не доаѓа. Затоа сметам дека треба да се донесе одлуката – рече Јанчева.
Советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Тони, Бојковски, посочи дека во минатото, во менувањето и во правењето на возните редови на автобусите учествувале месните заедници, дел од администрацијата на самата општина, администрацијата на Градот и директорот на ЈСП.
– Добро е, како практика, месните и урбаните заедници да учествуваат во вакви работи, затоа што се работи за населени места каде што луѓето, без разлика дали живеат во Раштак или во Автокоманда, мора да дојдат на работното место, инаку ќе ги избркаат од работа – посочи Бојковски.
Директорот на ЈСП, Драги Кушовски, објасни пред советниците дека се прави ваква измена на возниот ред на одредени линии со цел да не дојде до преклопување на одредени автобуси.
– Во сообраќајниот метеж, автобусите заглавуваат во центарот 10-15 минути и на тој начин се губат полуобртите. А сменета е и демографијата на градот. Затоа е потребно да се донесе оваа одлука – изјави Кушовски.
(А.П.)