
Фудбалските фанови безброј пати биле сведоци дека кога е најтешко, шпанскиот гигант Реал (М) игра најдобро. Така и годинава, со не толку спектакуларна игра и нормално со голема доза на среќа, четата на Карло Анчелоти, прво го елиминира Манчестер Сити, а потоа и градскиот ривал Атлетико (М).
Денеска за противник, во четвртфиналната рунда од Лигата на шампиони, „кралскиот клуб“ го има лондонскиот премиерлигаш Арсенал, кој има само теоретски шанси за титулата во Премиер лигата и затоа целиот фокус е насочен кон најважното клупско натпреварување.
„Топчиите“ играат на домашен терен, Микел Артета повторно на располагање ги има услугите на Букајо Сака, но на спротивната страна ќе биде пеколното напаѓачко трио Мбапе – Винисиус – Родриго.
-Се чувствувам возбудени. Играме против противник кој ќе не принуди да го дадеме максимумот и тоа во најквалитетното клупско натпреварување. Мора да бидеме подобри од нив, да веруваме во сопствените квалитети и тоа од првата минута. Добро знаеме дека натпреварите во ЛШ се добиваат во противничкиот казнен простор. Тука ја гледаме нашата шасна, изјави менаџерот на „топчиите“, Микел Артета.
Неизвесност буквално до последниот судиски свиреж се очекува и на „Алијанц арена“ каде германскиот гигант Баерн (М) ќе се обиде да ја искористи предноста на домашниот терен во првата четвртфинална пресметка против италијанскиот калчолигаш Интер. Сосема исправна е констатацијата дека и двата тима имаат 50% шанси за пласман во полуфиналето и дека успешен ќе биде тој тим кој ќе направи помалку грешки.
-Очекувам неизвесен натпревар. Сум играл против Баерн (М) како фудбалер на Лацио и сум се сретнал со истиот противник како тренер на Интер. Без разлика на повредените фудбалери, Баерн (М) има одличен тим. Ние нема да го менуваме нашиот стил на игра. Се ќе ставиме на една карта, но ништо нема да биде решено во Минхен. Се надевам дека ќе ги имам сите фудбалери на располагање, изјави предводникот на „нероазурите“, Симоне Инзаги.