Ова ќе биде нова поголема црковна церемонија со која нема да раководи викарниот епископ атаниски, Партениј, кој практично му беше заменик на владиката Тимотеј. Во Светиот синод сè уште не е донесена одлука кога би се одржала седницата за избор на наследник на владиката Тимотеј. Во игра се две варијанти: за побрз и за побавен избор. |
Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, за Водици за првпат ќе го изврши чинот на водосвет и положување на светиот крст во водите на Охридското Езеро. Здружението на граѓани „Богојавление – Водици“ од Охрид објави дека тоа ќе претставува радост за сите во градот познат по масовното присуство на верници на Водици и на бројни учесници во трката по крстот.
– За радост на градот Охрид и за сите охриѓани, за прв пат во поновата историја на празнувањето на големиот христијански празник Богојавление – Водици, чесниот крст во водите на Охридското Езеро ќе го положи архиепископот на МПЦ-ОА, Неговото блаженство господин, господин Стефан – стои во објавата.
Веста ја пренесе и Дебарско-кичевската епархија, чиј владика Тимотеј неодамна почина, поради што други црковни достоинственици ги вршат големите црковни обреди. Дознаваме дека присуството на архиепископот, кој сега администрира со оваа Епархија, побарало и свештенството. Претходно беше најавено дека чинот на положување на светиот крст ќе го изврши тетовско-гостиварскиот митрополит, Јосиф, но сега има рокада, кој се случува набрзина.
Од друга страна, ова ќе биде нова поголема црковна церемонија со која нема да раководи викарниот епископ атаниски, Партениј, кој практично му беше заменик на владиката Тимотеј. По починувањето на митрополитот Тимотеј, во Охрид беа одржани неколку богослужби на кои не му беше дадена довербата на епископот Партениј да ги води. Така, на пример, на 40-дневниот помен за починатиот владика, на 3 јануари, служеше епископот стобиски, Јаков, а на празникот Свети Наум, на 5 јануари, чиноначалствуваше митрополитот брегалнички, Иларион. Дел од медиумите го скандализираа и тоа што Светиот синод на МПЦ-ОА реши на заупокоената литургија на погребот на владиката Тимотеј, на 28 декември, да не учествува епископот Партениј. Се тврдеше дека ова е намерно направено под влијание на преспанско-пелагонискиот владика, Петар, кој има анимозитет кон епископот Партениј. Сето ова заедно ја отвора дилемата дали со вакво непоканување му се праќа и одредена порака на викарниот епископ Партениј за тоа дека не би можел да смета на мнозинска поддршка во Синодот за да стане владика. Неговото име е меѓу оние што се споменуваат како можен наследник, покрај имињата на архимандритот Нектариј, на владиката Наум (за Австралиско-сиднејската епархија), митрополит европски Пимен. Но, тука е сериозна и опцијата со Епархијата да продолжи да раководи архиепископот г.г. Стефан.
Инаку, весникот ВЕЧЕР дознава дека во Светиот синод сè уште не е донесена одлука кога би се одржала седницата за избор на наследник на владиката Тимотеј. Во игра се две варијанти: за побрз и за побавен избор, при што е потребно изјаснување на сите синодски членови. Според првата варијанта, би можело да се форсира одржување таква седница од почетокот на февруари, па натаму. При ова, владиците што не може физички да присуствуваат, би испратиле свој став на начин што претходно би овластиле некој член од Синодот да го соопшти на седницата. Во вториот случај, седницата за избор на наследник би можела да се одржи во периодот мај-јуни годинава. (Б.Ѓ.)