Најтрофејниот македонски ракометен клуб, Вардар, во иднина ќе биде предводен од аргентинскиот стратег Гиљермо Милано. Како што пишува порталот „Спорт1.мк“, би требало Аргентинецот да биде промовиран како нов стратег на „црвено-црните“ до крајот на оваа недела.

На клупата на Вардар, Аргентинецот ќе го наследи Владо Недановски, за кого управата соопшти пред неколку дена дека повеќе нема да го предводи црвено-црниот тим. Челниците на шампионот на Европа од 2017 и од 2019 година се надеваат дека со ангажманот на Милано ќе се подобри играта на екипата, во обидот за враќање во самиот врв на македонскиот ракомет, што значи напад на титулата и на трофејот во Купот на Македонија.

Вардар ќе потпише долгогодишен договор со Аргентинецот и се очекува да пристигнат неколку нови засилувања по него. Милано доаѓа во Скопје по препорака на тренерот на Веспрем, Чави Пасквал.

Во меѓувреме, Вардар вторпат во една недела загуби од португалско Порто, овој пат на гостински терен (37:24) и така ги загуби шансите за прогрес во следната рунда од Европската лига на ЕХФ.

Предводени од привремениот тренер Столе Стоилов, ракометарите не успеаја да му парираат на брзиот ривал, кој уште на почетокот наметна свое темпо, запишувајќи го вториот триумф над „црвено-црните“, по оној во Скопје.

Најдобар стрелец кај португалскиот тим беше Веитиа Валдеш со девет гола, пред Гомеш Силва Фернандеш со пет гола, додека кај Вардар, Марко Срдановиќ даде шест гола, а Георгиевски и Крсманчиќ погодија по три пати.

До крајот на Европската лига, за Вардар остануваат уште два меча, тоа се против Мелсунген на домашен терен и против Валур на гостински терен. Последните два меча од групната фаза се играат наредниот месец.