Аптеките не се обични трговци, туку здравствени установи

35

Здружението на приватни аптеки бара изземање на аптеките од новиот Правилник за објавување цени на стоки од 3 април годинава, изјави, Билјана Божиновска, член на Извршниот одбор на здружението. Според неа, аптеките не треба да се третираат како обични трговци.

– Сакаме да потенцираме дека аптеките не се класични малопродажни објекти, туку здравствени установи на ниво на примарна здравствена заштита, каде што работи лиценциран здравствен кадар, магистри по фармација и фармацевтски техничари. Нашата основна улога е да обезбедиме здравствена услуга и фармацевтска грижа за пациентите, преку издавање и советување за употреба на лекови, следење на терапијата и едукација на граѓаните, а не да вршиме трговија во класичната смисла, истакна Божиновска.

Нивното барање е аптеките да бидат изземени од обврската за јавно објавување на цените на сите производи на веб-страница, како што се бара во Правилникот.

– Оваа обврска не е соодветна со нашата здравствена функција и создава дополнителен административен товар, што го одвлекува здравствениот кадар од основната дејност – грижата за пациентите и фармацевтската грижа, појасни Божиновска.

Се бара и да се врати шифрата на дејност 47.73 аптеки, што соодветно ја рефлектира спецификата на нивната работа како здравствени установи.

– Не се согласуваме со новата шифра 47.730 – трговија на мало со фармацевтски производи, што во најмала рака е деградирачка и го сведува фармацевтското работење на обична трговија. Истакнуваме дека нашата работа е регулирана и под надзор на Министерството за здравство, Агенцијата за лекови (МАЛМЕД) и други здравствени институции. Со ваквиот Правилник се нарушува интегритетот на фармацевтската професија и се создава конфузија околу улогата на аптеките во здравствениот систем, подвлече таа.

Од здружението очекуваат сериозно да се разгледаат нивните барања, испратени до Министерството за економија и труд и до Кабинетот на претседателот на Владата.

 

ИЗДВОЕНИ