Апокалиптични сцени од Лос Анџелес: Снимка од авион го покажува огромниот размер на пожарот/ФОТО/ВИДЕО

91
EPA-EFE/ALLISON DINNER

Пожарникарите продолжуваат да се борат со пожарот во областа на Лос Анџелес, додека разорната бура со ветер создава исклучително опасни услови. Во моментов во областа се активни три пожари – Пацифик Палисадес, Итон и Херст во населбата Силмар, а силните налети на ветерот ја отежнуваат работата на противпожарните служби.

Пожарот кај Итон се прошири на 600 хектари, што претставува зголемување за 400 хектари од пред само три часа, а неполн час пред тоа беше само на 100 хектари, што покажува колку брзо се шири пожарот.

На друго место во округот Лос Анџелес, огромниот пожар кај Палисадес сè уште гори во близина на Санта Моника и гори на повеќе од 2.900 хектари. Пожарот во Пацифик Палисадес наводно се шири со брзина од пет фудбалски игралишта во минута.

Нов, трет пожар избувна северно од Сан Фернандо, кај Харст на 100 хектари.

Националната метеоролошка служба во Лос Анџелес во вторникот забележа некои од најсилните ветрови до сега. Налетите на ветрот во пожарната област Палисадес достигнаа меѓу 40 и 60 милји на час во текот на денот, но изолираните налети низ Јужна Калифорнија достигнаа повеќе од 80 милји на час.

Шелби Кидман, која била во авион над пожарот во Палисадес, го снимила пожарот од воздух. Како што изјави за Си-Ен-Ен, видеото е снимено додека нејзиниот авион од Солт Лејк Сити се приближувал до меѓународниот аеродром во Лос Анџелес.

Налетите на ветерот се очекува да продолжат да зајакнуваат во текот на ноќта и до среда наутро.

„Широко распостранетите северни и североисточни ветрови и екстремните шумски пожари ќе продолжат и до среда. До среда наутро ќе дува засилен ветер. Соборени дрвја и далноводи, прекини на струја, опасни услови за возење, зголемен сообраќај и доцнење на аеродромот може да се очекуваат низ јужниот дел на земјата“, предупредува Националната метеоролошка служба.

EPA-EFE/CAROLINE BREHMAN

Канцеларијата за образование на округот Лос Анџелес денеска соопшти дека училиштата во 19 окрузи во тој дел на Калифорнија денеска се затворени поради ширење на шумски пожари.

На повеќе од 30,000 луѓе им е наредено да се евакуираат во Јужна Калифорнија откако избувна шумски пожар во населбата Пацифик Палисадес во близина на Лос Анџелес, кој досега остави една жена пожарникар тешко повредена, а неколку други со изгореници, објави Еј-Би-Си Њуз.

EPA-EFE/ALLISON DINNER

Областа околу Лос Анџелес, каде живеат околу 30,000 луѓе, доби наредба да се евакуира откако пожарот избувна вчера во 10:30 часот по локално време во Пацифик Палисадес, и брзо се прошири поради силните ветрови од Санта Ана.

Противпожарната служба во Лос Анџелес соопшти дека една жена пожарникар е тешко повредена додека гасела пожар во Јужна Калифорнија.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ