Со концерт одржан во Културно-информативниот центар на РС Македонија во Софија, Бугарија, музичкио-истражувачкиот проект за гудачкиот квартет на Пламенка Трајковска, насловен како „Балканско патување“, го започна своето интернационално и регионално претставување. Проектот „Балканско патување“ е и покана и предизвик за слушателот – да се нурне во музичката ризница наречена балканска музика, за и преку неа, да ја доживее историјата, културата и емоцијата на балканските народи.
Директорот на КИЦ Софија, проф. д-р Зоран Пејковски, го претстави музичко-истражувачкиот проект, како и изведувачите, гудачкиот квартет Пламенка Трајковска. На концертот присуствуваше и имаше свое пригодно обраќање и амбасадорката на РС Македонија во Софија, Н. Е. Агнеза Руси-Поповска.
Концертот го водеше Пламенка Трајковска, авторката на овој проект, која ја објасни суштината на обработките на одделните балкански композиции, односно заедничките мелодиски, хармонски и ритмички структури, заеднички за одделните земји. Гудачкиот квартет ги изведе балканските музички слики и ја одушеви присутната публика, која одделните композиции, претставени како балкански, ги препозна како свои.
„Во новите композиции струјат влијанијата на класичната музика и на заедничките мелодиски и ритмички линии, од сите региони на Балканот. богатството и разновидноста на балканскиот звук, опфаќајќи композиции од С Македонија, Бугарија, Грција, Албанија, Косово, Србија, Босна и Херцеговина и Турција. Аранжманот е мошне значаен – има за цел да ги отслика музичките прелевања од регион во регион, сите вткаени во нови музички слики, во балканската композиција за гудачки квартет“, вели Трајковска.
Балканското патување лани имаше своја премиера во Битола, по која уследи и концерт во Скопје. Годинава следи промоција на аудиоизданието (CD), со придружни видеоматеријали, од кои се очекува дополнителна видливост, преку музичките канали, во привлекувањето на пошироката публика од регионот.
Оваа година проектот се пласира во балкански рамки, со концерт во Софија, реализиран со помош на Министерството за култура и ќе продолжи со настап на Меѓународниот фестивал „Солеј“ во Созопол, Бугарија, на 6 јуни, во Античкиот амфитеатар на Созопол.
„Идеја е ‘Балканско патување’ да го допре секој културен центар на Балканот, за да создаде нови балкански мостови меѓу народите и нова културна рамка која ќе ги истакнува заедничките елементи во музиката и во културата на балканските народи“, додава виолинистката Трајковска.