Во Националниот дворец на културата во Софија, вчеравечер, заедно настапија Македонската филхармонија, Софиската филхармонија и Симфонискиот оркестар од Солун. На сцената беше изведена „Кармина Бурана“ од Карл Орф, на која како солисти настапија оперски пејачи на трите земји.

„Преполна сала, стоечки овации и долги аплаузи! Ова беше епилогот по моќната изведба на епската „Кармина Бурана” од Карл Орф, којашто се случи во големата сала на НДК во Софија. Македонската филхармонија, Софиската филхармонија и Државниот оркестар на Солун, како и Софискиот филхармониски хор и солистите: нашата ѕвезда Ана Дурловски, грчкиот тенор Николас Спанос и бугарскиот баритон Иво Јорданов, брилјираа на сцената од каде зрачеа силни креативни вибрации, објавија од Македонската филхармонија на нивниот фејсбук-профил.

Како што посочуваат, главниот „виновник” за овој спектакуларен концерт, маестралниот диригент Најден Тодоров не ја криеше неизмерната среќа што конечно се реализираше оваа идеја за уметничко сплотување на, како што и самиот истакна, три оркестри во едно тело.

„Вечерва се потврди уште еднаш дека музиката не разбира граници, туку ја возвишува секоја идеја и мисла во чиста убавина“, потенцираат од Филхармонија.

Овој проект, како што велат од Софиската филхармонија, бил договорен минатата година, на иницијатива од маестро Тодоров, како своевиден симбол на културната соработка во регионот, а идејата е да се повтори концертот и во Скопје и во Солун.

„Кармина Бурана“ во себе обединува антички текстови, волшебни мелодии и моќни ритми. Вклучувајќи хор, солисти, богата оркестрација и сценско дејство, делото раскажува за кревкоста на човечката судбина, за радостите на пролетта, за бурните љубовни страсти и за задоволствата на животот. Еден од највпечатливите делови е „O Fortuna“, кој стана музички симбол во целиот свет.

ИЗДВОЕНИ