Во судот во Тетово, повторно се одложи, за 27 март, судењето за Теодора Ристовска, која во 2022 година на 22 години го загуби животот во сообраќајна несреќа, откако беше прегазена на пешачки премин од возачот Менсур Пајазити. Ниту обвинетиот ниту неговиот бранител вчера не се појавија во судницата, па поради тоа судијата го презакажа рочиштето.
– На 3 март 2025 од сопругата на обвинетиот е доставен поднесок со кој извести дека обвинетиот се наоѓа на лекување во Клиничка болница и достави медицински извештај од ЈЗУ Клиничка болница дека како пациент е задржан на болничко лекување во оддел за интерна медицина. Бидејќи не се исполнети законските претпоставки за главна расправа истата се одложува за 27 март во 11 часот и 30 минути, рече судијата.
Семејството реагира дека како и при првото судење се соочуваат со одложување на правдата, а тоа им предизвикува неизмерна болка.
– По две и пол години повторно се наоѓаме пред судот и повторно ни ја враќаат болката, повторно го преживуваме истиот хорор. Сестра ми имаше само 22 години. Студент кој се бараше за своите права со соништа, беше човек со огромна душа и како што ги гледате овие луѓе дојдоа тука да не поддржат, бидејќи сестра ми имаше душа за сите. Не ми е јасно уште колку треба да поминуваме низ истиот пекол за нешто што е очигледно и колку солзи треба да пролееме уште колку мајки треба во црно да се завијат. Тука сме дојдени за правда за Теодора и се надевам дека судот ќе пресуди правилно, изјави Ева Ристовска, сестра на Теодора чие семејство го поддржаа група блиски роднини и пријатели.
Почетокот на судењето се случи една година по сообраќајката, во 2023 година, а во ноември 2023 возачот беше осуден на три години и шест месеци затвор откако ја призна вината.
– Обвинетиот поднесе жалба до Апелацискиот суд во Гостивар. Како резултат на ова, Апелацискиот суд ја намали казната на две години затвор. Тој поднесе барање за преиспитување на пресудата пред Врховниот суд кој одлучи да ги укине пресудите на Основниот и Апелацискиот суд и предметот го врати на повторно судење, вели сестрата Ева Ристовска. Возачот не одлежал ниту еден ден затвор, иако несреќата се случи пред речиси три години, разочарани се од правдата семејството на младата жртва.
Теодора беше тешко повредена кога на 15 август 2022 година во неа удри автомобил марка „БМВ“ управуван од тогаш 49-годшниот Пајазити од Голема Речица. На 18 август таа почина во Клиничкиот центар во Скопје.(П.А.)