АП: Вучиќ оди во Москва и покрај предупредувањата на ЕУ

102

Американската новинска агенција Асошиетед прес синоќа објави дека српскиот претседател Александар Вучиќ „и покрај големиот притисок од Европската унија, не се предомислил за намерата“ да отпатува во Русија на прославата на Денот на победата на 9 мај организирана од власта на претседателот на таа земја Владимир Путин.

Во врска со заминувањето на Вучиќ во руската престолнина, АП потсетува дека европските претставници го предупредиле српскиот претседател дека неговата посета на Москва за одбележување на крајот на Втората светска војна би била кршење на критериумите за однесувањето на земјите кандидати за членство во ЕУ, па дури и може да им наштети на прокламираните амбиции на земјата да се приклучи на ЕУ.

Агенцијата проценува дека посетата ефективно би била еднаква на давање поддршка на Путин и Москва за водење војна против Украина.

Тој исто така рече, како што пренесува АП, дека ова ќе биде првпат Србија да учествува во „заедничката“ организација на парадата во Москва.

Се посочува и дека Вучиќ рекол дека во Москва ќе отпатува со својот десничарски сојузник, словачкиот премиер Роберт Фицо, а на церемонијата, како што се нагласува, ќе присуствува и „лидерот на сепаратистите на босанските Срби Милорад Додик“.

Претходно, шефицата на европската надворешна политика Каја Калас рече дека ЕУ „јасно стави до знаење дека не сака ниту една земја кандидат да учествува на овие настани на 9 март во Москва“.

На истата прес-конференција на која рече дека ќе оди во Москва, „Вучиќ се повика на извештајот на руската разузнавачка служба ФСБ, која ги отфрли како лажни извештаите дека српските власти употребиле звучно оружје за да ги нападнат учесниците на мирните и масовни протести против Вучиќ на 15 март во Белград“, пишува АП, цитирајќи ги зборовите на Вучиќ дека „рускиот ФСБ категорично заклучил дека немало употреба на никакво звучно оружје“.

Американската агенција забележува дека Вучиќ не објаснил како ФСБ дошла до таков заклучок и дали руската разузнавачка служба го истражува инцидентот што наводно се случил во Белград.

ИЗДВОЕНИ